Пратениците повторно бараат бенефиции
Пратениците преку закон бараат гаранции за можност на вработување во државни институции по истекувањето на нивниот мандат.
Постоењето на ваква иницијатива за пратенички бенефиции и по истекот на мандатот го потврди вчера претседавачот на собраниската група за реформи, Реџаил Исмаили.
-Има предлог од пратеници, има предлог, додека не се хармонизира со Владата, не можам ништо да ви кажам. Знаете дека сме за тоа повеќе да не се даваат пари на тие што седат дома и знаете дека таков закон во минатото не помина, рече тој.
Наводно зад предлогот стојат пратениците од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, а поддржан е од СДСМ и ДУИ.
Овој закон за пратениците би требало да помине заедно со 20-тина реформски закони, меѓу кои законот за СЈО со кој треба да се дефинира понатамошната работа на оваа институција, потоа дел од судските закони, законот за судски совет, законот за кривична постапка, законот за спречување на корупција и судир на интереси, законот за медиуми, кои треба да бидат донесени до крајот на јануари следната година
Сегашната иницијатива за Закон за пратеници кој ќе вклучува и пратенички привилегии е слична со содржината на работната верзија на Законот за Собрание од 2009 година.