Загадувањето во Битола, Тетово и Струмица до шест пати над дозволеното
Присуството на штетните ПМ10 честички во воздухот во Битола, Тетово и Струмица, во изминативе два дена било и до шест пати над дозволената граница од 50 микрограми на метар кубен.
Поради надминување на прагот на алармирање на суспендирани честички со големина до 10 микрометри односно поради надминување на вредноста од 100 микрограми на метар кубен во текот на два последователни денови, Владата активира сет од мерки и препораки за граѓаните.
Министерството за животна средина и просторно планирање во соработка со Министерството за здравство се должни да препорачаат на сите работодавци да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар, да препорачаат на сите работодавци да го реорганизираат работното време и лицата кои работат на отворено да работат од 11.00 до 17.00 часот, да препорачаат да не се организираат спортски натпревари и други културни манифестации на отворено и да обезбедат услови за зголемени активности на службите за итна медицинска помош, домашна посета и патронажна служба.
Владата на Република Македонија ги задолжи сите органи на државна управа, агенциите, фондовите, бироата, заводите, јавните претпријатијата и АД во државна сопственост, како и на Единиците на локална самоуправа да ја намалат до 50 отсто употребата на службените возила.
Министерство за труд и социјална политика во соработка со Црвениот крст, Здравствениот дом и Единиците за локална самоуправа се задолжени да обезбедат прифатилишта за сместување на бездомници и да дадат поддршка на стари осамени лица преку организирани посети.
Државниот инспекторат за животна средина е задолжен да започне со вршење на зачестена контрола на Инсталациите кои што поседуваат А – ИСКЗ дозвола, да спроведе контролни мерења на емисиите на загадувачки супстанции во амбиенталниот воздух со акредитирана лабораторија со цел да се утврди дали се применуваат пропишаните услови во Дозволата по однос на емисиите во воздух.