МВР: исчезнувањето на лица не е поврзано со наводна трговија со органи или трговија со бело робје

Либертас побара одговор од МВР на паниката која во текот на денот се шири на социјалните мрежи во врска со последните случаи на исчезнати лица кои беа пронајдени мртви. На социјалните мрежи се зборува за сериски убиец, за трговија со органи и наводни извадени органи, трговија со бело робје, луѓе пријавуваат случаи во кои им биле барани насоки од непознати луѓе и тоа им било сомнително, се апелира граѓаните да носат оружје итн. Сево ова воопшто не е поткрепено со било какви докази.

Одговорот на МВР го пренесуваме во целост: Целосно ги демантираме лагите и измислиците што неодговорни поединци ги шират по социјалните мрежи со цел да предизвикаат паника кај граѓаните. МВР ја гарантира безбедноста на граѓаните!

Апсолутна лага е дека имало некакво вадење на органи или некакви слични дезинформации.

Апелираме до медиумите и јавноста да се повикуваат на официјалните податоци на институциите и да се воздржат од шпекулации што можат да ја вознемират јавноста.

Статистичките податоци покажуваат дека не постои тренд на пораст во исчезнувањата, и дека во континуитет во последниве пет години пронаоѓањето на пријавените исчезнати лица се реализира со околу 94% .

Апелираме уште еднаш за воздржување од шпекулации кои неосновано ја вознемируваат јавноста.

За оние пак кои со очигледна намера ја вознемируваат јавноста, ќе бидат преземени соодветни мерки согласно законите./Либертас

Translate »