ДИНЕВСКИ: ГРУЕВСКИ ГО НАРАЧАЛ ИНЦИДЕНТОТ ВО „ШУТКА“ ЗА ДА ГО ОПРАВДА СВОЕТО БЕГСТВО
-Според мене се работи за исцениран инцидент со одредени цели и намери кои што ги сместувам во еден поширок контекст, а тоа е реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ, по активирањето на вториот дел од судскиот процес за настаните од 27 април… Лично сметам дека тоа е сценарио директно нарачано од Никола Груевски.
Таков став синоќа искажа екс разузнавачот и сопственик на ДИА (Детективска информативна агенција), Александар Диневски во Централниот дневник на 1тв. Изјавата беше дадена во врска со инцидентите во истражниот затвор „Шутка“, каде што наводно беа нападнати поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески и екс министерот за образование Спиро Ристовски, кои претходно добија 30-дневен притвор за случувањата за крвавиот четврток.
Диневски вели дека судската постапка за 27 април погодила некого „преде се неформалниот лидер на ДПМНЕ, Никола Груевски“.
-Инцидентите се случиле, според информациите по вина на Јанакиески и Спиро Ристовски. Не издржаа ни 24 часа во притвор и веќе самите предизвикаа инциденти. Е сега тука, кога би барале одговорност од затворот, од управата, можеби постои одговорност во тие две насоки – прво, при распределбата во кои ќелии ќе бидат притворените лица (Јанакиески и Ристовски) и второ, што не го спречија вториот инцидент кога веќе настана првиот инцидент. Лично сметам дека ова е сценарио директно нарачано од Никола Груевски и преку лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски за предизвикување на еден ваков инцидент, со цел да се оправда неговото бегство во Унгарија, изјави Диневски.
Тој нагласува дека случајот треба внимателно да се истражи.
– Сметам дека овој случај треба внимателно да се истражи. Не би бил толку строг за давање на една оценка пред да се сите елементи, бидејќи со оглед на тоа што тие прошетки се под видео надзор и постои видео снимка, има тука и присутни, било притворени, било службени лица кои што ќе напишат во изјавите што всушност се случило. Значи не е проблем што овие лица биле со други притворени лица од Диво Насеље, бидејќи според моја последна информација, Миле Јанкиески и претходно бил со истите тие лица и немало никаков проблем, вели тој.