Биолози во прашума снимиле ретко видена сцена која ја заледува крвта во вените
Тим биолози од универзитетот во Мичиген снимиле огромна тарантула како убива опосум и го влече со себе. Иако многумина на социјалните мрежи признале дека снимката која е направена во амазонската прашума е вознемирувачка, станува збор за прв видео запис од ваков вид кој се смета за прв доказ дека тарантулите всушност ги ловат овие животни.
“Секогаш гледаме луди работи таму”, изјавил еволуционерниот биолог Даниел Рабоски кој со години ги води експедициите во Амазон за да ја документира биолошката разновидност во длабоката џунгла.
Во текот на неодамнешното патување, тимот на Рабоски снимил 15 ретко видени предаторски сцени во џунглата, вклучувајќи големи пајаци како јадат гуштери и жаби. Даниел вели дека тарантулите се “сериозни предатори”, а оваа која ја снимиле била со големина на чинија.
На своите годишни патувања во Амазон, Рабоски видел и поголем хорор од овој – тој во една прилика опишал како сведочел сцена во која мравки јаделе пајак.
“Гледавме како пајаците умираат од армии мравки. Тие им се качуваа по нозете – илјадници, илјадници мравки едноставно го растргнуваат пајакот пред вашите очи”, објаснил биологот кој додал дека целта на мисијата во џунглата е да се сфати зошто овие тропски подрачја се толку биолошки разновидни.
“Тоа е прашање за милион долари. Малку знаеме за екологијата на тие состави, едноставно сме големи незнајковци по ваквите прашања”.