Жените во Македонија: Само правата им се исти, сè друго е во сенка на мажите
На одбележувањето на празникот 8 Март за родова рамноправност на жените со мажите, иако се чини дека жените во нашата држава ги имаат истите права со мажите, сепак податоците и статистиките говорат дека има уште многу работа на ова поле во државата.
Родовата еднаквост е дел од Програмата на Владата за периодот 2017 – 2020 година за реализација на обврската на државата која произлегува од агендата за одржлив развој до 2030 година.
„Владата ќе води политика на унапредување на правата на жените и зголемување на нивното учество во политичкиот, економскиот и јавниот живот“, се вели во Програмата.
Но дали е така?
Помало учество на жените од мажите пазарот на труд
Според податоците на Државен завод за статистика (ДЗС) обработени за 2017 година, голем процент од работоспособните жени во Македонија не се активни на пазарот на трудот. Така, од работоспособните мажи 53,5 отсто биле вработени, невработени 15,8 проценти, додека, пак, неактивни 30,7 отсто. За разлика од нив, од работоспособното население кај женската популација 34,6 отсто биле вработени, невработени само 9,7 проценти, но неактивни биле високи 55,7 отсто.
Главни причини за неактивност, за повеќето анкетирани жени (60.3 %) се обврските во домаќинството (вклучително и грижата за децата). Сепак, многу жени (55%) изјавуваат дека веруваат дека не располагаат со соодветни вештини/квалификации за да се вработат. Половина од неактивните жени се сложуваат дека недостатокот на флексибилни работни можности ги оддалечуваат од пазарот на труд, додека 45% се пожалиле на немањето капацитети кои нудат грижа за децата“, покажува истражувањето„Жените на пазарот на трудот: Стереотипи и предизвици”, спроведено од „Фајненс тинк“, Институтот за економско истражување и политики Скопје кое е спомнато во Годишниот извештај за спроведување на Стратегијата за родова еднаквост за 2017 година, што се усвои на собраниска седница, одржана на 15.1.2019 година.
Помала плата на жените од мажите за иста работна позиција
Многу често, на иста работна позиција со исти квалификации и перформанси, жените се помалку платени од мажите. Исто така треба да работат повеќе денови за да ја достигнат платата на мажите.
„Неопходно е сите чинители во општеството да се фокусираа на обезбедување на еднакви можности за жените особено на повисоките позиции, бидејќи тие често се работна сила на пониско ниво, а во одредени случаи жена со исти работни карактеристики како маж заработува 17,9% помалку , односно жената би морала да работи дополнителни 65 дена за да ја оствари истата плата како и мажот“, изјавипотпретседателката на Сојузот на Стопански комори, Габриела Кулебанова.
Според министерката за труд и социјална политика Мила Царовска решение за ова се родово одговорните буџети кои ќе дадат слика како се трошат парите и како тие ќе влијаат на едната или на другата група граѓани.
Министерството за финансии го стави родово одговорното буџетирање во основните документи, во новата Фискална стратегија 2019 – 2021. Со ова буџетските корисници ќе треба да внимаваат парите да бидат родово еднакво потрошени.
Жените тешко доаѓаат до раководни места во државните институции
Жените се помалку застапени во управувачкуте структури на државните институции, а само пет проценти се жени-директорки на нив.