Благодарение на технологијата Лимба работи од дома со цел свет!

Предава и обучува тренери преку онлајн-школи, како фриленсер има ангажмани на цела низа проекти, а истовремено и студира преку сериозна интернет-студиска програма. Ова се само дел од проектите што ги работи Лимба Веселиновиќ, која живее во Скопје. Комуникациската технологија и алатките што таа ги нуди ги користи и за личен и за професионален развој, работејќи од каде што ќе посака.

– Целата моја работа и ангажман веќе подолго време се базираат на интернет и комуникациската технологија. Воркохолик сум по природа, па секогаш имам неколку ангажмани на кои работам истовремено. Сепак, мојот фокус во моментов се популарно познатиот коучинг и Групата за поддршка на кочинг во Македонија под покровителство на „Noble Manhatten Coaching” од Велика Британија, кои постојат од 1997, а од јануари 2019 првпат доаѓаат и кај нас. Јас сум претседател на групата кај нас и се спремаме од април да почнеме со работа и официјално. Во меѓувреме студирам онлајн преку нив за да се акредитирам како животен и извршен тренер (Life and Executive Coach). Целта на групата е да нуди бесплатни предавања и мастер-мајнд сесии на сите заинтересирани еднаш во месецот во Скопје – вели Лимба.
Програмата за студирање на далечина е многу сериозна, темелна и професионална, и се состои од месечни вебинари, конференциски повици преку програмата Зум (Zoom) или Скајп (Skype) со личен ментор, онлајн- библиотека, како и книги што се добиваат, целосен водич и поддршка преку е-пошта и повици, како и пракса, односно онлајн-коучинг со супервизија и менторство.

Вработувам луѓе главно од земјава

Лимба работи со клиенти од цел цвет, помалку од Македонија, главно преку комуникациските алатки што ги користи и за едукација.

– Се фокусирам на коучингот, па така работам коучинг за кариера, за бизнис, за мотивација, а воедно имам клиенти со кои работам на база на проекти или договори како фриленсер во делот со човекови права, регрутација и селекција на кадар, обука, проект-менаџер или менаџер на перформанс и консултант по човечки ресурси. Во овој момент имам клиенти од Данска на кои им ја водам целата регрутација и вработување на фриленсери. Тие имаат 150 вработени, сите фриленсери, па им вработувам квалификуван кадар од областа на маркетинг, дигитален маркетинг, пишување блогови и други содржини, како и продажба и технологија, од цел свет и сè почесто од Македонија – раскажува нашата соговорничка.

Лимба со сопругот

Целата регрутација и селекција на кадар Лимба ја води преку различни интернет-платформи за фриленсери, а интервјуата преку комуникациските алатки.

– Имам друг клиент од Америка за кого ја поставуваме целата структура на работа на еден Customer Support Centar и нормално му вработувам луѓе претежно од Македонија и ги менаџирам тимовите. Имам клиент од Литванија за кого вработувам кадар од Литванија да работи во нивните канцеларии од областа на маркетинг, продажба и технологија.
Имам и еден нов проект кој е ептен во почетна фаза, станува збор за портал за Crew, односно за персоналот што работи на брод, т.е. оние што некогаш работеле на брод или сакаат да работат, па да можат да добијат информации од прва рака на едно место – вели Лимба.
Таа е и член на Меѓународен клуб на патувачи.

Секој ден работам на себе

Ни раскажа од каде тргнала идејата за ваков вид работа. По препорака на долгогодишна пријателка нашла некои платформи за работа и почнала да истражува.

– Следејќи ги најновите трендови за работа, почнав да истражувам, да следам онлајн-часови и сè повеќе да навлегувам во тој свет и да ги користам бенефициите што ги нуди денешната напредна технологија. Така буквално светот ни е на дланка – вели Лимба.

Комуникациската технологија влијаела и врз нејзиниот личен развој. Вели дека се буди со мотивациско видео од светски познати говорници како Тони Робинс, Боб Проктор, Роберт Киосаки, Сајмон Синек, Лесли Браун… а заспива со некоја позитивна мисла или сублиминални пораки за заспивање. Чита дигитални книги на „Киндел“ или слуша аудиокниги кога патува.

– Едноставно тоа стана дел од мене. Секој ден учам нешто ново, работам на себе за секој ден да бидам подобра од претходниот. Целото знаење на светот ни е достапно благодарение на комуникациската технологија и интернетот – потенцира таа.

Предноста на нејзината работа е во слободата што ја има.

– Од 2016 година наваму јас сум комплетно слободна. Работам кога сакам и од каде сакам, можам да патувам често. И сопругот, кој е од Белград, но живееме во Скопје, работи од дома за една малезиска фирма речиси 2 години, па често се пакуваме и патуваме каде ќе ни текне во кое било време. Да ви доловам како изгледа и кога нешто ќе се искомплицира. На враќање од Барселона имавме одложен лет, па додека сите се нервираа, јас го вклучив лаптопот да сработам нешто бидејќи денот го искористив во разгледување на преубавата Барселона. Еве денес беше убав сончев ден, па одлучив да го поминам надвор на сонце повторно со лаптопот пред мене. Летоска планирам поголем дел од времето да го поминам на море каде што дел ќе си земам одмор, но дел ќе работам од некоја убава плажа. Времето на работа си го планирате вие – раскажува Лимба.
Заработка на странски пари и по пижами


Таа секое утро се буди без аларм. Кога има онлајн-интервју, најчесто се средува до половина, се шминка, облекува кошула.

– А надолу може да сте по пижами – се смее Лима. – Голема предност е да се заработуваат странски пари од дома, односно да работите за странски фирми од дома. Тоа значи дека нема потреба младите да се иселуваат масовно од државата бидејќи имаат можност за солидна заработка од дома.
Има, според неа, премногу платформи за вработување кои може да се користат (зависи од квалификациите и нивото на англиски јазик). Како една од подобрите ја издвојува Upwork, потоа Talent Hubstaff, PeoplePerHour, Remotework, Remote Bliss, GitHub, Guru, TopTal секако LinkedIn за секаков вид работа. Регрутерите за работа се таму.

– Многу ангажмани добивам и по препораки од пријатели или задоволни клиенти, а и јас имам колеги со кои соработувам, па се препорачуваме меѓусебно и заедно работиме на поголеми проекти и ангажмани. Совет до сите заинтересирани е да се вклучат на некоја од платформите и да бидат упорни во наоѓањето работа и работен ангажман, да работат на себе и да учат понекоја нова вештина секој ден, а доколку имаат некоја идеја, да ја стават на хартија и да ја реализираат – советува Лимба.

Додава дека младите треба да веруваат пред сè во себе, но и во другите и да се опкружат со успешни и позитивни луѓе.

– Со подемот на технологијата навистина сè е возможно и секојдневно читаме за успешни приказни на луѓе од целиот свет што го искористиле тоа. Јас сум човек кој ја сака слободата, сакам многу да патувам и да уживам во благодатите на животот, да бидам во добро друштво со позитивни луѓе, да читам добри книги, да танцувам на латино-ритмите. Не гледам телевизија воопшто, телевизорот дома ми е како слика на ѕид, бидејќи одбирам свесно каква информација ќе примам во текот на денот и си го контролирам расположението, без надворешни влијанија на негативни вести, небитни информации, заплашување. Верувам дека сите сме дојдени на светов со некоја убава цел и дека треба да живееме во моментот во кој сме, бидејќи тој нема да се врати, да бидеме продуктивни и да бидеме свесни креатори на својот живот. Место да се жалиме, да ги следиме и прифаќаме можностите што ни се нудат и да правиме сè за да се чувствуваме исполнети – додава Лимба.

prezemeno od Fakulteti.mk

Translate »