Се гради минарето, се руши Чинарот – охриѓани бараат да сопре дивеењето во градот
Здружението на граѓани за заштита и афирмација на културните вредности „Совест“ – Охрид апелира до надлежните да ја спречат дивоградбата на плоштадот Чинар во Охрид.
Во продолжение интегрално го пренесуваме соопштението:
„Охриѓани акламативно ќе се согласат дека Чинарот е единствениот и посебен симбол на градот кој безрезервно ги обединува граѓаните на нашиот град. Тој вековит симбол на градот вчера беше нападнат од ‘напредните’, кои за нас од ЗГ ‘Совест’ лепат етикети за тие непречено да го поведат градот во светлата ни иднина. Наспроти тоа рушење на најстариот жител на Охрид, на неколку десетици метри се гради новиот симбол на Охрид – 32 метри високо минаре на Алипашината џамија.
И покрај сите наши укажувања, дописи до сите надлежни институции, претставки до Јавното обвинителство, прес-конференции, ТВ-ебати и трибини, минарето продолжува да се гради – треба ли да потсетуваме дека тоа е надвор од сите законски одредби и дали има елементарна потреба од таква градба.
Во обид нашиот гласот да допре до најповиканите, се обративме и до премиерот, кој ни возврати, цитираме: „Има реакција. И тоа што се гради не е минарето. Знае градоначалникот и се преземаат дејствија“. Ајде да му веруваме на премиерот, но што да правиме со нашите очи кои секојдневно го гледаат растежот на минарето. И колку време им треба на надлежните да реагираат на ова насилство што се врши врз Охрид и охриѓани.
Ние од здружението „Совест“ немаме дилеми (впрочем, и најголемиот број охриѓани) дека правдата и вистината се на наша страна. Но, само потсетуваме дека задоцнетата правда е еднаква на неправда не само за денешната туку и за следните генерации охриѓани. Затоа, уште еднаш апелираме до совеста на сите што можат и треба да ја спречат оваа дивоградба, да си ја завршат својата работа, за да не му остават лузни на градот, кои никогаш нема да се залечат“.