Голем удар за Мадуро: Американците воведоа нови санкции, Гуаидо го превзеде конзулатот во Њујорк
Соединетите Американски Држави воведоа санкции на Банката за економски и социјален развој на Венецуела, потврдија од Министерството за финансии на САД.
Санкциите се воведени против четири ограноци на банката, од кои две се наоѓаат во Венецуела, а по еден во Уругвај и Боливија. Според министерот за финансии на САД, Стивен Мнучин, Мадуро и неговиот режим, ја претвориле Банката за економски и социјален развој како средство за изнесување на нивните пари во странство.
Целиот имот на правните лица и компаниите против кои се воведени санкциите ќе биде блокиран во САД, а на физичките лица и компаниите во САД исто така им е забрането да тргуваат со нив.
Во меѓувреме, од Њујорк пристигнаа вести дека опозиционерите, предводени од самопрогласениот претседател на Венецуела, Хуан Гуаидо, ја превзеле зградата на венецуеланскиот конзулат во американскиот град, а ова го потврди и портпаролот на американскиот Стејт Департмент.
Конзулатот го превзеле опозициските сили, а Гуаидо истакна дека превземањето на контролата над конзулатот во Њујорк е чин на ослободување и вети дека истиот набрзо ќе биде отворен. Зградата на конзулатот на Венецуела во Њујорк има шест ката и се наоѓа во близина на зградата на Обединетите нации.
Од друга страна, во соопштението објавено на Твитер, од венецуеланската влада предводена од Николас Мадуро, ваквата акција ја нарекоа „сериозно кршење на меѓународните обврски на американската влада“ и се заканија дека ќе бидат превземени одредени мерки како одговор.
Ситуацијата во Венецуела и натаму е многу тешка, а засега не се гледа крајот на политичката и економската криза во оваа земја. Претседателот на САД, Доналд Трамп, за време на неодамнешната прес-конференција со неговиот бразилски колега Жаир Болсонаро, најави нови уште построги санкции за Венецуела и додаде дека не е исклучена можноста за воена интервенција.