Становите ќе поскапуваат! Дали некој треба тоа да го сопре?

Становите ќе поскапуваат, алармираат градежниците. Причина е континуираниот раст на трошоците во градежништвото за нови објекти. Статистиката покажува дека во последниот квартал лани градежните материјали поскапеле за 3,2 отсто, а трошоците за вработените биле повисоки за 13 проценти. Повисоки цени на становите во наредниот период поради постојаниот раст а трошоците за градежни материјали и за вработените, очекува Градежната комора при Сојузот на стопански комори.

„Поскапувањето е регистрирано во трите сегменти и точно е дека има поскапувања во сите сегменти за изградба на квалитетни станови, кои се енергетско ефикасни, асеизмички стабилни. Ако го споредиме сегашниот период во однос на лани, може да зборуваме за поскапување на сите градежни материјали меѓу 10 и 15 %. Зголемување на трошоците е резултат на порастот на цената на енергенсите за транспорт, прво за тие материјали што се увезуваат, како и за материјалите кои што се од домашно призводство. Ако во изминатите години, исклучувајќи ги последните две во делот на високоградбата имаше континуитет и стабилност, во сегашните услови на правната неизвесност инвеститорите не се во можност да инвестираат. Она што може да очекуваме во следен период е дека нема да може да се понуди квалитетна градба по пониски цени, бидејќи растот на трошоците го диктира и растот на цената на квалитетните станови“ изјави Ивица Јаќимовски, претседател на Градежната комора.

Како што укажа, користењето квалитетни материјали, со примена на најновите трендови за изградба на енергетски ефикасни станови со врвен квалитет, чинат повеќе, но долгорочно значат двојна заштеда.

– Во чекор со светските достигнувања во градежништвото, неопходно е следење и имплементација на најновите технологии и стандарди во насока на зголемување на конкурентноста и квалитетот на градбата. Сето тоа чини, време, средства и труд. Цената на становите во иднина ќе се движи во нагорна линија и тоа зависи исклучиво од квалитетот на градбата, локацијата, инфраструктурата и поволниот деловен амбиент, рече Јаќимовски.

Тој потсети и дека минатата година беше една од најлошите за градежништвото, сектор од чиј долгорочен развој зависи растот на 26 стопански гранки и на целата економија.

Translate »