(Видео) Таткото на избоденото момче: Насмеани се шетаат на слобода, а треба да одговараат за обид за убиство

Една недела од крвавиот инцидент во скопско Марино кога 27-годишниот Филип Филиповски беше избоден со нож пред дискотека, семејството бара одговори од институциите до каде е истрагата и кога виновниците ќе одговараат за делото? Таткото на Филип, Гоце Филиповски, е револтиран што напаѓачите, чиј идентитет е познат, сè уште се шетаат на слобода.

„Апелирам до институциите да бидат поажурни, сите знаат кои се сторителите, мотивот е банален за да се посегне врз човечкиот живот, класичен обид за убиство на најѕверски начин. Мојот син ќе остане со последици целиот свој живот, не е уште надвор од животна опасност иако состојбата му се подобрува… Обвинителството да си го квалификува случајот така како што е – класичен обид за убиство и ништо друго. Значи, виновниците не може со насмевки да се шетаат, мора да ја добијат заслужената казна и тоа да стане поука за другите и за сите“, вели Филиповски.

Филип сè уште е на интензивна нега по операцијата во која му беше извадена слезината и му е отстранет едниот бубрег, но неговата состојба се подобрува и се очекува набргу да биде префрлен на одделение на клиника. Од неговата здравствена состојба зависи и кога тој ќе може да ги идентификува напаѓачите, велат од Обвинителството. Оттаму додаваат дека веднаш по добивањето на извештајот од МВР, издадена е наредба за вештачење на облеката и возилото. Од МВР, пак, кусо велат дека во координација со Обвинителството се работи на расчистување на случајот.

Неофицијално, оружјето со кое бил прободен Филип сè уште не е пронајдено, а според тврдењата на некои од сведоците, станува збор за голем ловечки нож. Осомничени за нападот се двајцата синови на поранешниот градоначалник и актуелен функционер во МВР, Звонко Цветковски. Според дел од сведоштвата, браќата Александар и Јордан во петокот вечерта се судриле на разминување со Филип по што дошло до вербална расправија, во која Филип ја покажал значката од МВР, а еден од браќата извадил нож. По инцидентот, браќата Цветковски направиле сообраќајна незгода.

Семејството на повредениот полициски службеник најавува и приватна тужба.

Translate »