Со тендер од 2,4 милиони евра ЈСП ќе влезе во дигиталното доба
Нова апликација за паметни телефони, повеќе читачи на картичките „Скопска“ во автобусите, електронски билет за едно возење, обезбедување на комуникациска инфраструктура и E-Cloud платформа се новините што ЈСП-Скопје планира да ги воведе во претстојниов период за корисниците на јавниот превоз во Скопје. Тендерот вреден околу 2,4 милиони евра за овие новини во градскиот транспорт веќе е објавен на Електронскиот систем за јавни набавки, а до 9 мај ќе се бара најповолен понудувач.
Со актуелниот тендер ќе се изврши функционална и оперативна надградба на постојните системи за контрола и управување со јавниот превоз и за електронска наплата на билети. Идната компанија ќе треба да му испорача на ЈСП 300.000 хартиени електронски билети за едно возење, кои ќе бидат пуштени во промет. Воедно, со најновата Андроид апликација граѓаните ќе добијат можност да ја проверат преостанатата сума на картичката „Скопска“ преку својот телефон, да ја прегледаат шемата на автобуски рути, да го планираат своето патување со мапа на линиите и да имаат историјат на своите патувања.
Основните податоци за рутите, линиите, станиците и локацијата на автобусите од јавниот превоз во Скопје ќе бидат пренесени и на Google Transit, со што граѓаните преку мапата на Гугл ќе можат да определат која линија и рута на патување им е најблиска и најбрза за стигнување од постојната локација до крајното одредиште. Од идниот набавувач ќе се купат 400 дополнителни читачи (т. н. „валидатори“) за картичката „Скопска“, кои ќе се постават на задните врати на сите автобуси, а нова опрема ќе се набави и за идните 35 нови автобуси што допрва треба да пристигнат.
ЈСП со актуелниот тендер ќе набави и терестријална VPN и безжична комуникациска инфраструктура, но и E-Cloud платформа. Времетраењето на идниот договор со избраната компанија ќе изнесува 24 месеци, а во надградбата на постојните системи за електронска наплата на билети и за контрола и управување на автобусите ќе бидат вклучени и приватните превозници во Скопје.
Од ЈСП – Скопје очекуваат дека со реализацијата на проектот ќе се надминат најголем дел од забелешките на граѓаните што го користат скопскиот јавен превоз, а се однесуваат на користењето на картичката „Скопска“ и на долгите чекања на станиците за да пристигне автобус.