Копров ѝ се извини на Србија: Жирито беше составено од анонимуси, а не од еминентни автори
Композиторот Григор Копров преку социјалната мрежа „Фејсбук“ ѝ се извини на српската нација поради тоа што од нашето жири не добија ниту еден глас на годинешната Евровизија во Израел. Тој вели дека е разочаран што нашето жири било составено од анонимуси наместо од најеминентни автори.
„Лично, чувствувам потреба да им се извинам на колегите и на братска Србија затоа што во 2007 година на изборот во Хелсинки кога имав песна со Каролина Гочева, композицијата ‘Мојот свет’, во нашата делегација немаше режисер, а требаше. Сите проби од визуелен аспект беа катастрофални затоа што никој од нас присутните не знаевме стручно да кажеме што не е добро. Да напоменам дека во полуфиналето имаше 27 држави и тоа беше во историјата на Евровизија најтешко полуфинале затоа што 17 држави отпаѓаа.
Да кажам дека македонската и српската делегација беа во ист хотел и за голема среќа, во нивната делегација беше и режисерот Дарко Камарит, кој е мој личен пријател.
Бидејќи пробите беа при крај, незадоволството беше големо затоа што визуелниот ТВ-настап на Каролина беше катастрофален и очигледно дека со таков настап нема финале.
Јас во таа ситуација бев во очај. Го повикав на кафе Дарко Камарит и му се обратив со овие зборови: „Дарко, од ова што го барам од тебе апсолутно не зависи нашето пријателјство. Имено, нашиот режисер, за мене од непознати причини, не допатува и нашиот настап е лош. Те молам, ако е некако можно да дојдеш и да помогнеш да се реши визуелно она што ние не знаеме објективно да им појасниме на луѓето во режија. Имам предвид дека ти не си овде приватно и дека претставуваш друга земја, така што од оваа твоја одлука не зависи нашето пријателство.
Дарко, без никакво двоумење, рече: „Да“, дојде и им објасни во режија што треба да се коригира. Имавме фантастичен настап и влеговме во финале.
Ја користам пригодата уште еднаш јавно да му се заблагодарам, како нему лично така и на српската делегација. Прашање до сите што ќе го прочитаат ова: Како ќе постапевме ние во обратна ситуација? Жири-комисија на ваква голема меѓународна манифестација се составува од најеминентните автори, како што впрочем го прават сите други држави, а не анонимуси, како што беше во нашиот случај“, напиша композиторот.
Нашата претставничка Тамара доби 12 поени од Србија.