Џафери: Светата столица ќе продолжи да нѐ поддржува во евроинтегративните процеси
Државно-црковната делегација, која во Рим учествува на манифестацијата во чест на свети Кирил, денеска имаше аудиенција кај поглаварот на Римокатоличката црква, папата Францискo пренесе МИА
Фото: МИА
Државната делегација ја предводи претседателот на Собранието, Талат Џафери, а црковната архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан.
– Мирот, толеранцијата и соработката меѓу државите и народите се најдобриот пат за иднината. За соработките во регионот разговаравме и со државниот секретар на Ватикан кој потврди дека Светата столица секогаш нѐ поддржувала и ќе продолжи да не поддржува во евроинтегративните процеси на нашата држава. На овој начин се создаваат услови и ние да придонесеме во евроинтегративните процеси и соживотот на народите во светот, изјави Џафери по аудиенцијата кај папата Францискo.
Пред членовите на македонската државна и црковна делегација, папата Франциск јавно се заблагодари за неодамнешниот прием и гостопримство што го почувствувал во Скопје.
– Ме трогна наклонетоста, љубезноста на народот и посебно младите луѓе кои иако доаѓаат од различни религии веруваат во заедништво. Сакам да нагласам дека вашиот народ е порта за влез на христијанството во Европа. Бидете посланици на мирот, порача папата Францискo на аудиенцијата за македонската делегација во Ватикан.
Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, кој е дел од државната делегација, рече дека за само еден месец имале втора директна средба со папата Франциск, што според него, симболично ја покажува посветеноста на Ватикан за нашите процеси.
– Ја искористивме можноста да се заблагодариме за тоа што папата Францискo го направи за нашата држава. Со неговата посета даде визибилност на нашата мала држава и поддршка на процесите што кај нас се случуваат. Подготвени се да ги помагаат нашите евроинтеграции и јас тоа посебно го почитувам, рече Анѓушев по приемот во Светата столица.