Huawei ќе ја развива руската 5G мрежа
Кинескиот гигант Huawei продолжува со развојот на 5G мрежата во светот, а на големо незадоволство на Американците, нов клиент на оваа компанија е Русија.
Huawei потпиша договор со рускиот телекомуникациски гигант “MTS” за развој на 5G технологијата во Русија. Кинеската компанија би требала од следната година на просторот на Руската Федерација да ја развие 5G мрежата.
Договорот е постигнат на самиот почеток од тридневната посета на кинескиот претседател Си Џинпинг на Москва, во екот на големата блокада на кинеската компанија од страна на западните земји предводени од САД, кои што тврдат дека Huawei со своите технологии шпионира за кинеските власти.
Овој договор секако ќе биде големо олеснување за Huawei, компанија која во последните неколку месеци беше под интензивен меѓународен надзор и на удар на санкции.
Huawei стана главниот актер во американско-кинеската борба за власт која започна во трговијата и сега се одвива во технолошкиот сектор. САД ги охрабрија своите сојузници да го блокираат најголемиот светски производител на телекомуникациска опрема во развојот на 5G мрежата, тврдејќи дека кинеската влада би можела да ги користи своите производи за шпионажа.
Иако од Huawei во повеќе наврати ги демантираа тие обвинувања, тврдејќи дека компанијата нема никаква врска со кинеската влада, некои земји како Австралија и Нов Зеланд, веќе ја блокираа набавката на опремата на Huawei за нивната 5G мрежа.
Напорите на Вашингтон да ја блокираат кинеската компанија ескалираа минатиот месец кога администрацијата на Трамп ја стави компанијата на „црната листа“ која им забранува на американските компании да тргуваат со Huawei. Поради тоа, од Google соопштија дека ја прекинуваат соработката со Huawei што дефинитивно е тежок удар за кинеската компанија која доколку нешто не се промени, ќе остане без оперативниот систем „Андроид“.
САД и Кина во изминатата година водат жестока трговска војна со меѓусебно воведување на царини на стока вредна милијарди долари.