„Економист“: Одбивањето на Северна Македонија за ЕУ би било сурово, самопоразувачки и погрешно

Да се одбие Скопје за почеток на преговорите за членство би било сурово, самопоразувачки и погрешно, оценува влијателниот британски магазин „Економист“ во написот „ЕУ мора да си го одржи ветувањето кон Северна Македонија.

-Внатрешните проблеми во ЕУ не треба да го одвлекуваат вниманието од вонредниот напредок на земјата, која од февруари е преименувана како Северна Македонија. По неколку години авторитарна власт, новата влада, предводена од Зоран Заев, започна со справување со корупцијата и реформирањето на судството. Во регионот погоден од етнички судири, македонската и албанската заедница имаат добри односи. И најважното од се, минатата година Владата на Заев го потпиша Преспанскиот договор со Грција, завршувајќи апсурден, но дестабилизирачки спор околу името на земјата со додавање на географска одредница, пишува „Економист“.

Потсетува дека на земјата и беше ветено дека со исполнување на обврските ќе може да ги почне преговорите со ЕУ и пристапувањето во НАТО, што му овозможи на премиерот Заев да го истурка дома Договорот од Преспа. Во јуни 2018 година препораката за почеток на преговорите беше одложена за една година. Но, сега е можно понатамошно одложување, а таквиот чекор, не само што е нефер, туку и  опасен, предупредува „Економист“.

За да ги започне преговорите за членство, неопходно е секоја земја од ЕУ да даде согласност. Досега камен на сопнување беа Франција и Холандија. Но, сега, како што го омекнува Макрон, се појави нова пречка – Германија. На Владата на Ангела Меркел и е неопходно зелено светло од Бундестагот за да одобри почеток на преговорите, но пратениците од нејзината ЦДУ се спротивставуваат. Тие тврдат дека им треба повеќе време за дебата. Тоа им оди во прилог на противниците на проширувањето. Некои и забележуваат на Албанија за судскиот систем, но кандидатурите на двете земји би можеле и да се одвојат. Други, пак, сакаат да и наштетат на Меркел, а и нејзиниот авторитет се намалува како што оди кон завршување на политичката кариера.

„Економист“ наведува дека првичниот план беше за одлуката за преговори да се решава на состанокот на Советот на ЕУ ​​на 18-ти јуни. Но, тоа сега изгледа невозможно. Посебен самит на лидерите би можел да се свика во јули на кој би можела да помине одлуката за Северна Македонија. Но, Бундестагот наскоро ќе започне со летниот распуст. Друга можност нема да се појави до октомври, а дотогаш може да се вкорени навиката на постојани одложувања.

– Секој ден изгубен е опасен за владата на Заев. Откако веќе доживеа едно одложување, гласачите стануваат скептични. Опозицијата, која сé уште е лута од паѓањето од власт, ќе се засили на првиот знак на неуспех. Покрај тоа, до есен Грција веројатно ќе има нова централно-десничарска влада која ќе се соочи со притисок од гласачите против Договорот Преспа да стави вето за преговорите. Дополнително за ЕУ, ​​толку дрското прекршување на ветувањето на една балканска држава ќе ги зајакне лидерите и силите во другите земји, кои велат дека на Европејците не може да им се верува. Тоа ќе наиде на одобрување од другите сили кои душкаат наоколу, како Русија, Кина и Турција.

Спротивно на тоа, отворањето на преговорите со Северна Македонија ќе ги зајакне проевропските реформатори низ целиот Балкан. Започнувањето на прегооврите не е гаранција и за нивно успешно завршување, а пример за тоа е Турција, која ги започна преговорите во 2005 година. Пристапот на Хрватска траеше осум години. ЕУ не треба да ја изгуби довербата во нејзиното најмоќно оружје за надворешна политика. Одбивањето на Северна Македонија би било сурово, самоуништувачко и погрешно, заклучува „Економист“.

Translate »