Копале канал за фекална канализација, ископале римски саркофаг
При копање на канал за фекална канализација на булеварот Партизански одреди во населбата Карпош 4, вчера биле пронајдени камен саркофаг од 2-от век, односно од римско време, како и римски надгробни олтари (кипуси), извести Националниот конзерваторски центар.
Екипите ангажирани од Град Скопје ги повикале експертите, па артефактите биле извадени во присуство на Вера Атанасовска, археолог – виш конзерватор и директорот на Центарот, Коле Чапкановски, како и Ленче Јованова, археолог од Музеј на Град Скопје.
Новата локација на саркофагот и кипусите ќе биде археолошкиот локалитет Скупи, велат од Националниот конзерваторски центар.