Каде летуваат македонските политичари?
По Илинден стартуваа годишните одмори на функционерите. Претседателот Стево Пендаровски со своето семејство е во вилата во Охрид и таму ќе одмара наредните 7 дена. Собранискиот спикер не сакаше да открие каде но рече ќе користи само неколку дена и ќе замине во некоја од соседните земји.
Премиерот со семејството летува во Охрид а потоа ќе оди и во Грција. Дестинацијата до крај не ја открива па останува претпоставка дали ќе се одмара во вила на полуостровот Касандра или можеби ќе посети некој од грчките острови.
За опозицискиот лидер Христијан Мицковски изборот е Хрватска бидејќи таму летувал како дете па годинава решил да им ги презентира убавините на јадранската обала и на своите деца.
Повеќето министри ќе се одмараат во првата половина од август. Грција е изборот и на вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, министрите Роберт Поповски, Едмонд Адеми и Насер Нуредини. Албанија е дестинацијата на која ќе летуваат вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, министерот за образование Арбер Адеми и на министерот за привлекување инвестиции.
Првиот човек во МВР Оливер Спасовски, министрите за здравство и надворешни работи не знаат дали и каде ќе се одмараат. Дестинацијата пред јавноста не ја откриваат Садула Дураки, Горан Сугарески, Крешник Бектеши, додека пак министерката Мила Царовска ќе летува во Турција а Дамјан Манчевски ќе замине во Италија.
Вицепремиерката и министерка Радмила Шеќеринска веќе е на годишен одмор на скандинавскиот полуостров но во која држава не соопштија од Владата. Останатите одмараат во Охрид или пак не откриваат дали и каде ќе летуваат.
Во текот на месец август јавноста ќе одмори од пратениците и собраниските седници а на ферија овој месец се и судиите и обвинителите. Градоначалниците годишниот одмор го користат наизменично.