Голем пораз за Џонсон, пратениците се изјаснија против Брегзит без договор

Британскиот премиер Борис Џонсон синоќа доживеа огромен пораз во Парламентот бидејќи противниците меѓу неговите ториевци и опозициските пратеници гласаа за преземање контрола врз излезот на Британија од ЕУ.

Британскиот парламент одобри започнување постапка за усвојување закон со кој ќе се спречи Брегзит без договор.

За таквиот предлог гласале 328 пратеници, а 301 биле против.

Парламентот за одложување на Брегзит, односно за излез од ЕУ без договор, ќе се изјасни денеска.

Џонсон, кој се залагаше за излез на земјата од ЕУ на 31 октомври со или без договор, веднаш најави дека ќе распише вонредни избори.

Тој истакна дека изборите се единствен начин да се излезе од новонастанатата криза, доколку пратениците го принудат да побара одложување на Брегзит.

– Не сакам избори, но ако пратениците утре гласаат за прекин на преговорите и дозволат уште едно бесмислено одложување на Брегзит, кое може да трае години, тогаш тоа ќе биде единствен начин да се реши ова, нагласи британскиот премиер.

Џонсон, меѓу другото, додаде дека Парламентот „е на работ да уништи каков било договор“ кој неговата Влада би можела да го постигне со ЕУ околу условите за Брегзит.

Би Би Си објави дека сите 21 пратеник од владејачката Конзервативна партија, кои гласале за започнување постапка за усвојување закон со кој ќе се спречи излез на Велика Британија од ЕУ без договор, се отстранети од партијата. Меѓу нив се и поранешниот министер за финансии Филип Хамонд и внукот на некогашниот британски премиер Винстон Черчил, Николас Соумс.

Џонсон вчера го загуби мнозинството во Парламентот откако еден од неговите конзервативци премина во проевропската Унија на либерални демократи.

Translate »