Нема опасност од застарување на предметите на СЈО
Освен за делото на Груевски во предметот „Траекторија“, за кое во октомври настапува апсолутна застареност, сите други предмети се далеку од застарување, велат поранешните обвинители на СЈО.
До 10-ти октомври настапува апсолутна застареност на делото за кое кривично се гони азилантот Никола Груевски – „примање награда за противзаконито влијание“ во случајот „Траекторија“, а делата за другите обвинети во тој предмет застаруваат во 2023. Обвинението за „Траекторија“ беше поднесено на 30 јуни 2017, одобрено беше на 1-ви ноември, а воведните зборови обвинителката ги даде дури на 1 први март 2018 година. Практично судењето почна дури по 9 месеци, со бројни доцнења и блокади.
Деновиве одново започна процесот за предметот „Трезор“ (за набавката на опрема за прислушување преку компанијата „Финзи“) во кој е обвинет Сашо Мијалков, поранешниот директор на УБК. Причина за новиот почеток е тоа што во меѓувреме истекоа максимално дозволените 90 дена од едно до друго рочиште. За истекувањето на тој рок помогна лично Мијалков кој не се појави на последното рочиште, поради здравствени проблеми.
Корекција во завршните зборови
Сега, кога процесот за „Трезор“ почнува одново, во јавноста се јавуваат истите дилеми: дали преку разни одложувања и ова дело може да застари, исто како за Груевски?
Поранешните обвинители на СЈО се децидни: нема опасност од застарување ниту на „Трезор“ ниту на други дела во предмети на СЈО, кои сега се во надлежност на ЈО. Условно речено, „најблиску“ до застарување е предметот „Насилство во Центар“- во 2023 година, но сметаат дека тоа нема да се случи, бидејќи е во финална фаза.
До 10-ти октомври настапува апсолутна застареност на делото за кое кривично се гони азилантот Никола Груевски
Од Коалицијата Сите за правично судење, граѓанска организација која ги следи судските процеси, укажуваат на една грешка, која ако не се исправи – може да ги смени работите.
„Во овој предмет има една грешка која што сѐ уште не е исправена од страна на Јавното обвинителство, поточно, квалификацијата за делото во обвинителниот акт упатува на кривично дело од став 2 на членот 386 од КЗ, а впрочем се работи за став 3 од истиот. Ова го увидовме при самото постапување по предметот, но до овој момент колку што нам ни е познато немало преквалификација на делото. Ова го посочуваме од причина што доколку се работи за став 2 делото е веќе застарено (застареност настапува на 01.06.2019), а ако станува збор за ставот 3, делото застарува на 01.06.2023 година. Но според праксата на постапување на обвинителите – да ги преквалификуваат и прецизираат обвиненијата, веруваме дека тоа ќе го сторат во самите завршни зборови“, укажуваат од Коалицијата.
poveke na