Лабина Митевска со отворено писмо до премиерот Заев

Отвореното писмо на Лабина Митевска, продуцент на филмот „Кога денот немаше име“ до претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев.

„Ова е мое трето писмо до Вас во изминативе неколку недели и прво кое мора да биде јавно. Во првото Ве известив дека според третманот на филмот ‘Кога денот немаше име’, со обид да биде исклучен од репертоарот на овогодишниот фестивал ‘Браќа Манаки’, иако веќе беше поканет уште од февруари во Берлин од директорот и селекторот на фестивалот, и според други сигнали по неформални канали дека постојат силни индиции за спроведување цензура и политички притисок. Како реакција на тоа писмо истиот ден добив повик од кабинетот на ресорниот министер и ме уверуваа дека такви сплеткарења и удари на слободата на изразување не се можни и дека случајот брзо ќе се расветли по соочување на сите инволвирани и одговорни за оваа манифестација.

Јас за потребите на интерната расправа во кабинетот на ресорниот министер обезбедив линк за да се погледне филмот кој беше оцрнет како дело кое шири говор на омраза и поттикнува на насилство и побарав да се спроведат сите соодветни процедури. Линкот никој не го отворил, филмот никој не го погледал во оваа пригода. Како разрешница, филмот доби повторена покана, овој пат по писмен пат, да учествува во натпреварувачката програма, ниту на отварање ниту на затворање на фестивалот, веројатно за да не ги контаминира најпосетените и најпривлечните фестивалски вечери.

Е сега да ви раскажам како изгледа еден режим во раѓање, Вам на првиот борец против груевизмот, политичарот кој ја донесе слободата и демократијата во Македонија со раскрвавена глава. Во петокот наивно допатував во Битола каде буквално, пред влезот на хотелот ме пречека престрашеното лице на Агнес Годар, првата жена лауерат на специјална награда на овој фестивал, која е директор на фотографија токму на овој филм. Не ми ни дозволи ниту да се сместам со моето семејство па да ме почека да разговараме и не престана да ме бомбардира со прашања и да се чуди што се случува, што се случува со филмот. Набрзо потоа сфатив со неверување зошто е толку испаничена. Замислете, шест години го водев фестивалот и го градев тимот и нема кој да ти се насмее, нема кој да те поздрави, спуштаат и вртат глави. Исплашени да не ги види некој дека се срдечни или да не покажат некаква блискост. Општествено политички неподобнa! А странските новинари во чудо. Е ова досега беа индиции и впечатоци, а сега малку за евидентни докази за раѓање на нов и многу пострашен режим од груевизмот за кој доколку Вие не реагирате под итно ќе ја сносите директно целата одговорност.

Господине Премиер, на 2.10.2017 во Плусинфо и во печатеното издание на васникот Слободен печат на 4.10.2017 бр.1180 беше објавена колумна на Златко Теодосиевски ‘Политикантски памфлети’, која ја прекина мистеријата кој стои зад таа хајка и кој ја шири таа пизма и води кампања за етикетирање, оцрнување и обвинување. Дотичниот е посебен советник на Министерот за култура во Владата на РМ со која претседавате Вие господине Заев и доколку по ваквиот негов клеветнички неоснован напад Вие не реагирате и го оставите да ја шири својата токсичност води до заклучок дека сте покровител на овој политички прогон, невиден на овие простори од најцрните тоталитарни периоди. Да Ве потсетам што Ви напишав во првото писмо, ако сте го прочитале, а се сомневам, бидејќи посебниот советник, само еден ден по завршувањето на фестивалот го објави веројатно најсрамното писание во историјата на македонската култура. Во првото писмо до Вас јас Ви објаснив дека битките за признание и почит дома јас ќе си ги водам, но дека од Вас барам заштита од политички притисоци. Епа ако вака го замислувате заштитувањето сме го обрале бостанот.

Посебниот советник наспроти тие укажувања во писмото до Вас, во колумната запенавен обвинува за нацизам, мене и Теона нè нарекува Рифеншталки, заборавајќи дека косценарист е Елма Татарагиќ, селекторот на Сараевскиот фестивал и почитуван член на низа меѓународни филмски тела, која исто така значи пишувала сценарио по нарачка, па нè обвинува за повикување на омраза кон Албанците, дека Груевски или Канчевска го нарачале филмот, дека манипулираме, дебело наплаќаме за тие услуги, дека филмот е целосно финансиран од државни пари (ноторна лага! Еве накусо структура на финансии: во процент од 46% или во средства 487.000 од 1,050,000 евра се доделени на конкурс на Агенцијата за филм на РМ, потоа Белгија со 24%, Словенија со 10% и 16% Еуримаж, пари пристигнати од најпрестижниот Европски филмски фонд и 4% сопствено учество). Произлегува дека сите тие комисии, одбори, продуценти работат за пропагандата на претходната влада и финансираат културен продукт кој е осмислен за да предизвика насилство и омраза!? Во ‘курирски’ стил, на страниците на ‘Слободен печат’, со сосема измислени и неосновани тврдења, за кои доколку има докази го повикувам да ги достави до соодветно јавно обвинителство или служби на МВР за да ги истражат, а и до целокупната македонска јавност, кога, од кого, каде било нарачано ова дело.

Какви сè не конспираци и сплеткарења си измислува, што во детали ќе го читаат и расчитуваат адвокати и судии, ама прочитајте и Вие. Вие господине Заев ја презедовте на себе политичката одговорност за укинување на сите облици на авторитарност, етатизам, и партизација, за воведување на правна држава, процедури и критериуми како гаранти на слободата и демократијата. Повелете, Вие сте на потег.

Јас се чувствувам прилично извалкана и згадена од нашиве мизерии. Знам, сега сте во кампања и имате држава да водите, ама па јас не Ви ги бирав соработниците и кога тие не берат гајле за тоа кога и како, јас ќе простите уште помалку ќе калкулирам, а имам чест и углед да си бранам, ќеркичка воспитувам да биде слободоумна, храбра, па морам пример да ѝ дадам. Минатиот пат не ми одговоривте директно, сметав сме се разбрале, па и дека нема потреба. И овој пат не мора да ми пишувате, но од Вас ќе очекувам конкретни мерки за заштита на слободата на изразување, за слободата на уметничкото творење, за слобода да се мисли со своја глава и да се говори на секоја тема, па кога и на Златковци нема да им се допадне, па да немаат право да претат од позиција на моќ со истраги и со закани за недавање повеќе државни пари на од него обележаните автори. Тој во текстот прети дека филмот никој освен фестивалската публика во Битола нема да го види, па прети и со цензура значи. Посебниот советник на Министерот за култура заслепен од омраза конструира сценарија, без никакви докази, фабрикува лаги за начин и износ на доделени средства, влегува во отворена кампања за дефамација и дискредитација на личниот и професионален углед на едни од најуспешните филмски автори од Македонија и прети дека ќе стави точка на тоа. Тој, повиканиот да помогне при креирањето на културни политики прети како диктатор. Еве застанувам прва на листата. Вие бирате господине Заев дали ќе сум прва и последна на Теодосиевската листа или прва на Заевата, бидејќи така ќе Ве памети историјата ако дозволите ова зло да продолжи да се шири и овој посебен советник на Министерот не биде набркан од просториите на Владата на РМ поради груба злоупотреба на службена позиција!

И почитуван Претседателе на Влада на РМ, нашата премиера е на 12 октомври во кино Милениум, повелете да го видите филмот, ние гордо стоиме зад ова дело!“

Translate »