Младите лесно подлегнуваат на дезинформации преку социјалните медиуми и интернет порталите
Младите се генерално свесни за проблемот со веродостојноста на изворот или квалитетот на една вест, но лесно подлегнуваат на дезинформации добиени преку социјалните медиуми и интернет портали кои претставуваат нивни главен извор на информирање. Ова е само еден заклучок од резултатите добиени од истражувањето „Критичко размислување и навиките на информирање кај младите“ спроведено во рамки на проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – Критинк“.
Денешната презентација на истражувачките резултати се одржа во рамките на првиот дел од завршната конференција на „Деновите на медиумска писменост 2019“ во просториите на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги во Скопје.
Истражувачот м-р Александар Стојановски од проектниот партнер „Евротинк“ посочи дека предмет на ова истражување била способноста на младите за критичка мисла и односот кон мислењето како когнитивен процес, како и медиумската писменост, т.е. односот кон медиумите и интеракцијата со различните видови медиуми и информации. Истражувањето е спроведено преку анкета и тестирање на 300 бруцоши во текот на учебната 2018 – 2019 година.
Стојановски укажа дека во однос на медиумските навики и информативните стандарди, младите информациите ги добиваат претежно од интернет и дека преку примена на логички тестови може да се заклучи дека не се доволно опремени за критичко мислење.
Во делот на сфаќањето за тоа што се веродостојни извори на информации, голем дел од младите сметаат дека Википедија, која е платформа подложна на манипулации, е веродостоен извор на информации.
Презентацијата на истражувачките е јавно достапна во одделот „Истражувања“ во рамки на е-Библиотеката на веб-сајтот на „КриТинк“. Проектот „Критинк“ го спроведуваат Фондацијата „Метаморфозис“ и „Евротинк“ со финансиска поддршка од Европската Унија.