„Зелена револуција“ до Заев: Покажете прво искреност и волја за решавање на проблемот, па ќе седнеме на маса
По добиената покана од премиерот Заев за средба со граѓанските организации, кои во петокот го одржаа големиот Марш против загаденоста на воздухот, тие се огласија со одговор.
Велат дека во моментов нема потреба за средби ниту со премиерот, ниту со министрите и други надлежни од засегнатите институции, додека не покажат дека сериозно ги разбрале граѓаните и нивните барања.
Во продолжение нивниот одговор до премиерот:
Ние, претставниците на подолу потпишаните граѓански иницијативи, обединети како Зелена Револуција, сметаме дека во овој момент простор за нови средби со Премиерот, или со други претставници на државните институции, може да бидат возможни, САМО доколку видиме реална и конкретна волја за соработка со граѓаните. Тоа е можно и остварливо, доколку Премиерот, неговите министри и советници ангажирани на темата за животна средина, покажат дека сериозно го слушнале гласот на граѓаните, искажан на петочниот марш и по ИТНА постапка ги реализираaт следниве барања наведени во т.н Зелена книга, а за кои не е потребно подолго време бидејќи зависат директно од волјата на Премиерот и членовите на Владата:
1. Указ за итно носење на ДУП СИ 09 Гази Баба за Вардариште.
2. ЈО да отвори истрага за Охис во стечај, стечајната маса, продавање, склучени договори, испуштањето на токсична хемиска материја и за палење на кабли во Скопје, кој го откупува бакарот, како се снабдуваат со кабли лицата кои ги горат.
3. Да се усвојат на Влада измените и дополните на Законот за животна средина со кои се идентификуваат и уредува постапувањето со контаминирани подрачја и влезе во Собраниска процедура.
4. Стопирање на процедурата на усогласување на законите од областа на заштита на здравјето на луѓето, заштита на природни богатства, животна средина, заштита на културно наследство, заштита од природни и други непогоди, комунална хигиена со законот за прекршоци.
5. Поднесување на веќе изготвената апликација за прогласување на Охридско Езеро и Студенчишко Блато како водно живеалиште од меѓународно значење до Рамсарскиот секретаријат.
6. Одземање на концесијата на Еуромакс за рудникот Иловица-Штука.
7. Одземање на истечената концесија за експлоатација за рудникот Плавица.
Доколку постои искрена намера и желба за решавање на проблемот со загадувањето, заштитата на животот, здравјето и животната средина, овие барања можат да се реализараат во следните 5 работни денови, со што конечно ќе видиме цврста намера за темелно решавање на загадувањето. Покажете искреност и сериозна волја, затворете ги овие почетни барања и можеме да организираме средби и за сите останати. Вардариште би било одлична локација за првата средба, заедно, Вие, Вашите министри и советници, во живо и во присуство на медиумите да ги видиме условите, дивите населби и проблемите за кои постојано читате од нашите барања, но не сте ги виделе на терен.
Повеќегодишното заедничко искуство, ни потврдува дека досегашниот односот кон барањата на граѓанските организации и активисти, бил исклучиво за потребите на секторите за односите со јавноста и за покажување на наводна соработка со граѓаните, додека на терен не се сработувало ништо, или се направило многу малку. Покажете акција, вратете дел од довербата.
Здружени граѓански организации и иницијативи „Зелена револуција“:
Fridays For Future Skopje,
O2 Иницијатива,
Не Биди Ѓубре,
Скопје Смог Аларм,
Мој Воздух,
Движење за чист воздух,
Го Сакам Водно,
Билка,
Levizja Nena dhe Femija/ Движење Мајкa и Дете,
Битола сака чист воздух,
Eco Guerilla,
Група граѓани од Визбегово,
Скопје бара чист воздух,
Здрава Котлина,
Еко Долина,
Младите од Иловица и Штука,
Е.Д.Е.Н.,
Охрид SOS,
Шепасти ентузијасти,
Дејзи Фемили
ЕкоКарпош 3,2,1,
Ние сме Карпош 4,
Плоштад Слобода,
Здравје пред профит во Центар,
Shoqata ekologjike GvEko / Еколошко здружение ГвЕко / Ekoloji dernegi GvEko,
Struganët për Strugën/ Стружани за Струга,
Анима Мунди,
Young Friends of the Earth Macedonia,
Екоскоп