Анализа: Економски успеси и промашувања во 2019 година

Некои вложуваа во нови капацитети, други ги прошируваа постоечките, но дел од компаниите се бореа за опстанок во економската 2019 година. Дел од бизнисмените и економистите што ги анкетираше „Порталб.мк“ ги рангираат успесите и неуспесите во годината што измина на економски план, заедно со проблемите и препораките за нивно решавање.

Позитивна оценка – економскиот раст, државната поддршка за домашните фирми…

Дел од економистите велат дека како позитивен економски резултат во 2019 година треба да се смета растот на БДП над 3 отсто, што е показател дека економијата сепак е во позитивна зона. Во годината што измина, аналитичарите на листата на успеси ги вбројуваат државните субвенции за домашните фирми, повратот на ДДВ за граѓаните, зголемувањето на минималната плата – но сето тоа со голема финансиска издашност на државната каса. 

– Добро е тоа што Владата стои на предизборните ветувања за враќање на парите на граѓаните, преку зголемување на минималната плата, зголемувањето на платите во јавниот и државниот сектор, потоа преку различни социјални програми за помош на социјално загрозените, сето тоа е во ред, но тоа може да се направи само со промени во примарната распределба на доходот помеѓу капиталот, работниците и државата. Државата ветува дека ќе им даде финансиска помош на стопанските субјекти, како и тоа дека таа ќе ги покрие придонесите за социјално осигурување до нивото на зголемената минимална плата, како и на други субјекти доколку ги зголемат платите на вработените над минималниот износ, тоа е сосема во ред, но од каде пари на државата? Велат дека со домаќинско трошење на народните пари може да се обезбедат пари за таа намена. Сигурно дека тоа е делумно точно, но тогаш се поставува прашањето, т.е. зошто тие пари од домаќинско трошење не се распределуваат за економски развој, за јакнење на производниот капацитет на економијата, за зголемување на пазарот на физичкиот и човечкиот капитал, со што економијата ќе се оспособи да испорача повеќе нова вредност – оценува професорот Сами Бислими.

За дел од стопанственците, како позитивен треба да се оцени делот од економската политика насочена кон поддршка на приватниот сектор преку повеќе извори – директни субвенции за плати и придонеси, грантови и даночни ослободувања.

– Позитивно е што за прв пат постои ваков тип на поддршка на домашните компании по различни основи, со што државата даде логистика на домашниот приватен сектор кој беше на некој начин дискриминиран во однос на странските фирми. Сепак, во однос на сѐ уште присутните проблеми, поддршката може да се смета како скромна и како таква е невозможно да даде некој поголем ефект. Потребен е многу посериозен системски пристап за решавање на долгорочните проблеми – вели Маријана Перковска од Кластерот за текстил.

Негативна оценка – ниска продуктивност, високи трошоци, промашување на капиталните расходи

Отсуство на национална долгорочна стратегија за развој на траспортниот сектор, сѐ уште присутни транспортни дозволи, застарен возен парк – ова се дел од проблемите со кои се соочи транспортниот сектор во 2019 година.

– И во 2019 – та не се направија сериозни потези за реализација на мерки и проекти, како во сите други држави, за замена на застарениот возен парк со возила, кои ќе значат заштита на животната средина и безбедност во сообраќајот по примерот на сите држави во ЕУ. Пристапот до финансиска логистика мора да се олесни. Подостапни мора да станат субвенциите од ИПА или други фондови на ЕУ, како и обезбедување на кредитни линии со ниски каматни стапки кои би се движеле од 2 до 3 отсто со  минимум една година грејс период, доколку се сака да се задржат и окрупнат трговските друштва кои вршат превоз на стока. Секако потребна е и интезивна активност на државата преку надлежните организации за укинување на транспортни дозволи за од “трети земји” барем со соседните држави (Албанија, Србија, Бугарија, Грција), потоа со Турција, како и сите дозволи кои се бараат за транзитен превоз низ одредени држави во кои возилата ниту товараат, ниту растовараат стока, а сепак им е ограничен пристапот поради што се користат нестандардни мерки за превоз. Потребни се и активности за потпишување на нови Билатерални спогодби, особено со државите кои порано беа во составот на Советскиот сојуз и други, со цел да се отвараат нови транспортни пазари – вели Билјана Муратовска од транспортното здружение “Макам – транс“.

Во реалниот сектор, економската 2019 – та за едни беше успешна, за други помалку успешна. Различни индустрии се соочија со различни проблеми. Вработените во текстилната индустрија, која апсорбира голема работна сила, но со пониски плати, во годината што измина добија зголемување на минималната плата, поддржано со државни субвенции. Од друга страна овој извозен сектор и натаму се карактеризира со ниска продуктивност и бројни проблеми кои текстилниот производ го прават неконкурентен.

– За нас како извозен сектор најголем проблем е фиксниот курс на денарот. Поради големата конкуренција на европските и светските пазари со која секојдневно се соочуваат извозниците скоро е невозможно да се направи корекција на цените. Доколку тоа го направите ризикот дека ќе го изгубите клиентот е многу извесен. Како ќе му објасните на германецот дека од хумани побуди сега треба да плати 40 – 50 отсто поскапа услуга или производ? Фактот дека сите трошоци искажани во денари растат некои и до 2,5 пати, а притоа денарската противредност од извршениот извоз за добиените услуги или производи е иста, наметнува итна интервенција за амортизирање на овој удар“ – вели Маријана Перковска од Кластерот за текстил.

Дел од проблемите во приватниот сектор се решаваат, дел ќе чекаат решение во 2020  година, но сепак според економистите, во 2019 – та како едно од најголемите економски промаштувања е неостварувањето на државните, јавни инвестиции преку Буџетот.

– Најголемо промашување во оваа година е ниското ниво на реализација на капиталните инвестиции (40,73 отсто). Со такво ниво на реализација на капиталните инвестиции, Владата не е во можност да го зголеми квалитетот на јавни добра и услуги, ниту може да го поттикне економскиот развој, како основа за постигнување на оддржлив економски раст. Владата ќе мора да започне нов инвестиционен циклус во областите кои се дефинирани како приоритети во развојот, а финансиите треба да ги обезбеди и по цена на зголемување на јавното задолжување. Ние и натаму се задолжуваме, но тие пари делумно се трошат за враќање на ануитетите од претходните задолжувања. Учеството на јавниот долг во БДП на крајот на третото тромесечие од 2019 година е исто како и на крајот на 2017 година (47,7 отсто), додека јавниот долг во истиот период е зголемен за 618 милиони евра. Само во првите три тромесечја од 2019 година издадени се државни записи за 244 милиони евра, како и странски заеми во износ од 141 милион евра. Со овие пари би можело сериозно да се поттикне економскиот развој – вели професорот Бислими.

Следното издание на анализата ќе биде посветено на очекувањата на бизнисмените и економистите во новата 2020 година, која ќе биде во знакот на нов изборен циклус – без разлика дали се работи за предвремени или редовни парламентрани избори.

Translate »