Свекрвата ме избрка со детето во раце
Живеев во скопска населба. Во град, но со селски начин на живеење : бавчичка, кокошки, мало лозје. Храна имаше и за дома , ама и да се продаде нешто.
Во такви мали средини сите се знаат. Дечкото за кој се омажив ми беше момче-комшивче,од деца бевме заедно,учевме во исто основно, одевме со ист автобус во средно на другиот крај од Скопје.
Се земавме од љубов. Кога дома им кажав на моите дека Бане ќе дојде да ме побара,татко ми рече : “Aирлија ќерко, доста беше шетање до Скопје и назад за ич причина.”
Мајка ми многу го сакаше Бане. Ми велеше: “Добро момче е, ама мајка му, терсене жена, нит се води ,нит се тера. Размисли ќерко,тешко се живее во заедница со неа.”
Аааа, си велев, ќе живееме во заедница, aма не за долго. Бане работи, ќе си земеме станче, ќе си бидеме само тој и јас. Иако одлично ги знаев неговите родители, и дека мајка му цело маало ја збори за незгодна жена која командува и сите дома ги строи, мене на тие години и со таа памет, тоа ништо не ми значеше. Кога ќе ми се насмееше Бане , мајка му ни на крај на памет не ми текнуваше.
Се земавме. Направивме убава и многу весела свадба. И јас им влегов во куќа. Како млада невеста ,сакав да работам и во тој младешки занес мислев дека треба да се покажам и докажам и пред неговите, а и да му угодам на мојот Бане.
Имаа голема куќа, двете постари сестри беа мажени и излезени од дома. Свекрвата скоро по цел ден беше на пазар, продаваше зленчук. Бане и татко му работеа на сменска работа.
Јас останував дома,правев ручок и подзачистував дома.На 20 години ,тоа и не е некоја работа. Брзо завршував , куќата беше тип-топ, ручок имаше стално на маса кога ќе дојдеа „работниците„.
Имав време зе се, па дури и да ми дојдат другарките на кафенце, да свртиме шоља и да видиме која е следна за мажење. После многу години кога се навраќав на тоа време, сфатив дека од тогаш и почнаа првите префрлања.
” Другарките и се нон стоп на кафе, куќата станала автобуска станица…” , но јас бев глува за тоа.Кога ни се роди првото дете, Миличка, на нашата среќа и немаше крај. “Имам уште една песнопојка дома”, се смееше Бане.
Само свекрвата мрчеше,те детето било слабо,те сум немала млеко оти држам диети,те другарките ми се стално дома, ќе го урочат детето и се така маaна наоѓаше.
Мојот сон за малото станче за мене и Бане одамна го оставив.
По раѓањето работите се сменија. Времето повеќе го посветував на детето, а куќата се разбира трпеше. Не беше веќе се средено и ручок се случуваше да не направам. А реакциите стануваа се почести.
Свекрвата постојано се шушкаше со синот, му префрлуваше дека ми попушта, дека жена треба да се “држи“. Бане и ја слушаше и не ја слушаше. Но кога ќе се вратеше од ноќна смена а таа ќе почнеше да се жали, почна да излегува од дома, прво со другарите а потоа и во локалното кафеанче.
Работите станаа многу лоши кога се породив со второто дете.Миличка имаше само две години. За жал , второто дете ми беше хендикепирано.Првиот месец ништо не забележав, освен дека детето беше плачливо и слабо напредуваше. Почнав да одам по доктори. Секоја недела бев во амбуланта или на некое испитување.
Свекрвата инсистираше Миличка да спие со неа. Мене ми нареди да не излегувам од соба и бебето по цел ден да го држам во раце за да не плаче “оти било ете такво,како маче,јадно и слабо исто како мајка му“.
Во целиот кошмар, ја оправдував свекрвата, мислејќи дека така ми остава повеќе време да бидам со детето.
Кога се постави конечната дијагноза дека бебето е хендикепирано и такво ќе остана цел живот ако поживее, ми се сруши целиот свет, а дома настана вистински пекол. За се ми се приговараше. Бане се повеќе свраќаше во кафанчето. Бидејќи бебето плачеше многу, се одвои да спие во другиот дел од куќата. Работите одеа само на полошо и еден ден кога никој немаше дома свекрвата ми рече : “Земи си го мачето и иди си кај твоите, Миличка ќе остане тука. Не се враќај“.
Излегов по папучи со дете во раце, плачејќи. Моите се разбира ме прибраа без збор. Цела година ја поминав по болници. Немав сили за ништо,по цел ден седев покрај душичето кое едвај дишеше. Никој освен моите, не дојде да го види или да праша за него.
Бебето ми умре,го закопав што се вика сама, ниту Бане ниту некој од неговите дојде. Ми требаше многу време да застанам на нозе. Моите ми помогна преку некој роднини да се запослам. Побарав развод и старателство над Миличка. И тука се водеше борба секој ден, но бев решена и успеав да ја земам.
Сонот да бидам со Бане во мало станче не ми се оствари, но кога конечно си го зедов детето, на некој начин мојата желба се оствари. Јас и Миличка се преселивме во станче на другиот крај од градот. Таа тргна на училиште, а јас во некој друг нов живот.
исповед на читателка