Алармантно предупредување на ОН, дури 45 милиони луѓе на раб на глад

На дури 45 милиони луѓе на југот на Африка им е потребна помош од храна поради сушата, поплавите и економските проблеми, соопштија од Обединетите нации.

„Ваква загрижувачка ситуација со глад досега никогаш не сме имале, а некои познаватели укажуваат дека би можела и да се влоши“, изјави регионалната директорка на Светската програма за храна “WFP”, Лола Кастро.

Оваа специјализирана агенција при Обединетите нации обезбеди дури 205 милиони долари од 498 милиони колку што се потребни за да се реши проблемот со гладот.

„Ако не ги собереме потребните средства, нема да имаме избор освен да им помогнеме на помал број од оние на кои им е потребна помошта, и тоа со скромни средства“, изјави Кастро.

Нискиот економски раст, порастот на популацијата, сушата и поплавите ја зголемија несигурноста на изворите на храна во Лесото, Мадагаскар, Малави, Мозамбик, Намибија, Замбија и Зимбабве, земји кои се најпогодени од глад.

На пример, речиси половина од 15-те милиони жители на Зимбабве живеат на работ на глад, од прилика 2,2 милиони во урбаните подрачја и пет милиони на село. Понатаму, дури 20% од луѓето во Лесото, земја погодена од голема суша и 10% од Намибијците немаат сигурни извори на храна.

Светската програма за храна предупредува дека жителите ширум јужна Африка јадат помалку, прескокнуваат оброци, ги испишуваат децата од училиште, го продаваат имотот и паѓаат во долгови, се за да ги избегнат загубите во земјоделството и да преживеат. Најзагрозени се жените и децата.

За жал, експертите за следните неколку месеци предвидуваат продолжување на топлото и суво време со што се зголемуваат шансите за уште една лоша жетва.

Translate »