Како Гетеборг стана европски еколошки лидер

Веќе трета година едноподруго, Гетеборг, вториот по големина шведски град, се прогласува за најодржлив во светот. Шведска е веќе глобален лидер во движењето на одржливиот туризам во светот, а Гетеборг е прогласен за европска престолнина на паметниот туризам за 2020 година, пишува српски „Блиц“, пренесувајќи го Би-Би-Си.

Поранешниот пристанишен и индустриски град, не беше отсекогаш толку еколошки свесен. Тоа се смени кон средината на 80-тите години од минатиот век, кога шведската министерка за животна средина Бирџита Дал, го посети Гетеборг и го прогласи за град на „вратите од пеколот“. Политичките и деловните лидери тогаш ветија дека ќе го трансформираат градот од 17. век, во светилник на урбана одржливост.

Денес Гетеборг е град со ботаничка градина од егзотични билки, со електрични трамваи, жители на велосипеди и електрични скутери, домашни производители на пиво, пржено кафе, веганско млеко и еден од најдобрите во светот според понудата на морска храна. Тука се и каналите, градските паркови и калдрмите, траектите преку реката Гета кои водат до бесплатните сауни и јавниот базен, каде водата се чисти природно, без хлор, а соблекувалните се направени од рециклирани шишиња.
Имајќи го сето тоа предвид, не е чудо што Гетеборг е прогласен за најодржлива дестинација, според Индексот на одржливост на глобалните дестинации.

Исчистено е дури и некогаш загаденото пристаниште, кое во 2011 година ја доби Бродарската награда за придонес во регионалната екологија и беше првото во светот кое обезбеди и копнен погон за влез на возилата, намалувајќи го на тој начин емитирањето на штетните гасови. Младата шведска активистка за климатски промени Грета Тунберг, исто така даде свој придонес за оваа состојба во Гетеборг.

Повеќе од 90 проценти од хотелите во овој град имаат еколошки сертификат што значи дека исполнуваат стандарди за одржливост и екологија што ги поставија регионалните организации. Малите шишенца со шампон, пластичните прибори и сламките, одамна се минато. На покривот на старата пошта со елементи од оригинална архитектура, се наоѓа органска градина. Посетителите на Гетеборг можат да се приклучат и на градскоте сафари тури и да дознаат повеќе за локалното производство на храна, бидејќи градот има неколку фарми и градини.

Туристите можат да изнајмат електричен скутер или да се послужат со еден од 260 електрични трамваи во градот, именувани според негови славни жители. Има и електрични автобуси и моментално 65 отсто од јавниот превоз се одвива благодарение на обновливите извори на енергија, со цел до 2030 година градот да стане целосно електрифициран.

Гетеборг не би бил зелен, ако нема зеленило. Градот е опкружен со шуми од липи и бука, а зелен простор има 264 метри квадратни по жител. Ботаничката градина во Слотскоген е меѓу најубавите паркови каде во подножјето има дрвени стази, ливади, природонаучен музеј и бесплатна зоолошка градина, единствена во земјата.
Неодамна е изградена Готаледен пешачката стаза која почнува од Гетеборг и е поврзана со повеќе трамвајски станици во должина од 71 километар. Последната станица е гратчето Алингас, кое често се опишува како престолнина на шведската „фика“, тамошен ритуал на дневно пиење кафе и јадење колачиња со пријателите, во кое има најмногу кафулиња по број на жители.

Компанијата „Трајв“ продава само органска и рециклирана гардероба без токсини и изработена без ниедна евтина работна сила. Градот е полн со пазари од кои е најголем Магалопис кој се отвора секоја година кон крајот на мај, во популарниот дистрикт Мажорн. Тоа е дел од градот каде има еколошки ориенирани ресторани, од кои повеќето се вегетеријански. Според закон, целото месо што се продава во општината мора да биде со органско потекло. „Таверната Аверна“ го одгледува својот зеленчук на покривот, а „Кока“ ја обезбедува храната од локални фармери и од производители на морска храна.

Следната година Гетеборг слави 400 години од своето постоење и градот се подготвува за овој голем јубилеј. Еден од најинтересните проекти за оваа цел е градски парк Јубилеумспаркен, блиску до отворениот базен и сауна. Целта е ова подрачје да стане зелен и динамичен дел од центарот на градот, пишува Би-Би-Си.

Translate »