Грчката полиција спречи 4 илјади мигранти насилно да влезат во земјата: Ги заштитивме нашите и границите на Европа!

Грчката полиција спречи околу 4 илјади мигранти насилно да влезат од Турција во Грција, соопшти портпаролот на грчката влада Стелјос Пецас, после итниот владин состанок со кој претседавал премиерот Киријакос Мицотакис.

„Грција се соочи со организиран обид на масовно и илегално поминување на границата и тоа успешно го преброди. Ги заштитвме нашите и границите на Европа. Спречивме повеќе од 4 илјади нелегални обиди за влез на нашата територија“, изјави Пецас.

Нешто претходно, турските власти порачаа дека ги отвораат своите граници кон Европа за мигрантите од Сирија, а во јавноста се појавија информации дека Турците дури и организираат автобуски превоз, намерно користејќи ги мигрантите како средство за вршење на притисок во сириската провинција Идлиб.

Пецас нагласи дека грчката влада е „одлучна да стори се што може за да ги заштити своите граници“ и дека се „зајакнати силите“ на копнените и поморските граници кон Турција.

Според зборовите на портпаролот на грчката влада, на границата долж реката Марица се уапсени 66 мигранти, а околу 4 илјади мигранти и бегалци утринава повторно се собрале кај граничниот премин Кастањес.

„Уцените на Ердоган нема да пројдат. Нема да толерираме илегално преминување на границите“, порача грчкиот заменик министер за надворешни работи, Милтијадис Варвицјотис, додека пак министерот за одбрана Никос Панајотопулос изјави дека границите ќе бидат заштитени, но и дека ќе биде многу тешко да се врши надзор кај грчките острови во Егејското море.

Според информациите на Крајбрежната стража, 180 мигранти минатата ноќ пристигнале на островите Лезбос и Самос.

Translate »