Пехчево, Берово и Каменица добија специјални игло контејнери за одложување стакло, донација од „Пакомак“
Со цел подобрување на комуналната инфрастуктура и овозможување селективно одложување на отпадот и во другите градови низ земјава „Пакомак“ деновиве донираше специјални 1,5 m3 игло контејнери за стакло во општините Пехчево, Берово и Каменица.
На граѓаните во овие општини им се олеснува процесот на селективно одложување на отпадното стакло, со цел истото да не заврши во депониите, туку да се однесе на рециклирање.
Во меѓувреме Пакомак потпиша и меморандум за соработка со GIZ за поставување инфрастуктура за собирање стаклена амбалажа и едукација на населението за бенефитите од селектирањето на амбалажниот отпад. Целта е да се утврди најдобрата практика за собирање на стаклото која потоа ќе се имплементира низ целата земја.
Намалувањето на амбалажниот отпад, негово селективно одложување, рециклирање е нешто кон што сите години наназад се залага „Пакомак“ Само со еколошко однесување ќе имаме помалку диви депонии, почист воздух, поквалитетна почва. Местото на отпадот е во специјално назначените контејнери, а не во реките, на улиците, во парковите. Чистата животна средина треба да биде наш постојан предизвик, и сите ние да придонесуваме кон тоа. Денес кога времето го минуваме дома во изолација, како никогаш досега не ни недостигал престојот во природа и социјализацијата со другите. Токму затоа треба да се грижиме за локалната средина, да ја зачуваме, и да бидеме горди со високото ниво на чистота и убавина на нашите локални средини. Тие се наши, тие се огледало на жителите кои живеат во нив, велат од Пакомак.
Градоначалниците на општините упатија благодарност до компанијата „Пакомак“ за тоа што како специјализирано друштво за управување со отпад од пакување искажа разбирање за потребите на овие општини, и уште еднаш ја потврди својата општествено одговорна улога на компанија која континуирано се грижи за подобрување на еколошката состојба во нашата земја.