Телохранител на претседателот Пендаровски позитивен на Ковид-19
Во текот на вчерашниот ден било извршено тестирање на припадник на тимот за обезбедување на претседателот на државава, по што било утврдено дека тестот е позитивен.
Членот на обезбедувањето на претседателот Стево Пендаровски минатата седмица користел годишен одмор, што значи дека последен пат бил на работа на 11-ти мај 2020-та година.
Тој немал директна комуникација со претседателот и поради тоа Пендаровски ќе продолжи со своите редовни активности. Претседателот и членовите на неговото потесно семејство нема да бидат во изолација затоа што нивните контакти со телохранителот се од „втора линија“.
„По спроведената епидемиолошка анкета, утврдено е дека е потребно да се тестираат дополнително 11 лица кои биле во контакт со лицето кое е позитивно. Сите 11 лица беа тестирани и се негативни на КОВИД-19, но и покрај тоа остануваат во самоизолација до 25-ти мај, до истекот на инкубација од 14 дена“, соопштија од кабинетот на претседателот Пендаровски.
Инаку, за денес е закажана лидерската средба во „Вила Водно“ на која шефовите на политичките партии ќе договараат избори.