Филипче: Се надевам дека, конечно, и на последните скептици ќе им стане јасно дека вирусот не е шега
Се надевам дека, конечно, и на последните скептици ќе им стане јасно дека вирусот не е шега. Вирусот нема да замине додека сите не прифатиме дека претставува закана за секој што не ги почитува мерките за заштита од него, изјави министерот за здравство, Венко Филипче.
Тој рече дека новиот бран е директна последица на непочитување на јасно пропишаните мерки, но и на задоцнетата или слаба активност за казнување од страна на надлежното министерство.
Според Филипче, анализите покажуваат дека во овој момент има неколку локации во земјата каде што има брзо ширење на вирусот и кластери што се настанати најчесто како резултат на непочитувањето на пропишаните мерки.
„Групирање на граѓаните на семејни собири и прослави, неносење заштитна опрема, непочитување на мерките од страна на компании за превоз и организација на работата и други слични прекршувања се главните причини за брзиот раст на новозаболени во Скопје, Кумановско-липковскиот Регион, Тетово со околните општини, Штип и околината. Добро е што во преостанатиот дел од земјата состојбата е стабилна со спорадични случаи. Ова е само потврда дека стратегијата дала резултат онаму каде што се почитувале мерките“, изјави министерот Филипче.
Тој рече дека заради спречување дополнително ширење на вирусот во критичните региони, но, пред сè, заради спречување евентуално ширење на вирусот надвор од овие региони, Владата донесе одлука за враќање на полицискиот час и рестрикциите на движењето. „Вирусот нема да замине додека сите не прифатиме дека претставува закана за секој што не ги почитува мерките за заштита од него. И по одржани речиси 100 прес-конференции и илјадници пати повторени апели и пораки, некои од граѓаните сè уште одбиваат да ја прифатат реалноста. Да прифатат дека одговорноста е на секој поединец. Навистина не треба да дозволиме дури кога ќе се разболиме, да ја разбереме опасноста од вирусот. Ние здравствените работници, Владата, институциите, не можеме да направиме ништо без граѓаните. Ова што сега го кажувам не е никаква политичка флоскула. Ова е реалност, само сите заедно можеме да ја надминеме кризата, никако поинаку. Одговорно тврдам дека сите мерки, сите одлуки и сите пораки што ги испративме во јавноста беа прецизни, медицински издржани и навремени“, изјави тој.