Ковид беснее на истокот од Македонија: 554 активни случаи во помалите градови. Голем број лица со температура чекаат да бидат тестирани

Алармантна ситуацијата во Валандово, Струмица, Радовиш, Крива Паланка, Делчево, Берово, Пробиштип, Штип, Гевгелија…Во источниот и јужниот дел на змјава во малите градови има вкупно 554 активни случаи на корона вирусот. Граѓаните стравуваат дека ситуацијата може целосно да излезе од контрола зошто нема никакво почитување на мерките за заштита од вирусот. Со оние кои контактираше Фактор, појаснуваат дека секоја вечер има собирања, па како што велат, не е ни чудо што најголемиот дел од новозаразените се помлади луѓе.

-Пред неколку дена се вратив од Струмица. Бев три дена приватно да му помогнам на семејството околу некои работи. Што да ви кажам, каде и да влезев, продавница, на пазар…сите ме гледаа со чудење што носам маска. Таму никој не ги почитува мерките, а со оние кои се сретнав, пријатели, роднини, комшии велат дека целиот овој изминат период е токму така. Собирања има секакви, од прослави, кафулиња, излегувања, дружби и верувајте ретко, многу ретко може некој да се забележи со маска, вели Никола И. Од Скопје, со потекло од Струмица.

Градските власти сметаат дека состојбата е навистина алармантна, што всушност е нивниот генерален заклучок од последниот состанок што го одржа Кризниот штаб на Струмица.

-Заедничка беше констатацијата дека актуелната состојба е релативно загрижувачка, имајќи в предвид дека бројот на заболени расте. Факт е дека заболените не се само од повозрасната популација, туку таргет група на заразени се од 15 до 30 години. Апел до сите граѓани да ги почитуваат мерките – задолжително носење маска и одржување физичка дистанца. Одговорното однесување на сите физички и правни лица е клучен фактор за стабилизирање на состојбата и заштита на здравјето, Наведуваат од кризниот штаб.

Во слична состојба е и Валандово. Има голема флуктуација на граѓани кои секојдневно патуваат кон Струмица и Гевгелија заради работни обврски, па и таму бројот на позитивни е во пораст. Валандовчани велат дека има многу луѓе кои со симптоми на вирусот седат дома и чекаат да бидат тестирани.

-Од разговор со повеќе матични лекари од Валандово дознавам дека голем дел од граѓаните со температура седат дома со денови и чекаат да бидат тестирани зошто тука нема Центар за јавно здравје, туку Валандово е под струмичкиот Центар за јавно здравје. Имаше кластер на заболени во конфекцијата „Анел“, каде што на три пати по 15 вработени беа во изолација и еве сега е веќе целосно затворена. Хаос е. Се враќам во Скопје, барем во главниот град се многу помали шансите чвек да се зарази зошто многу повеќе граѓаните ги почитуваат мерките за заштита, вели валандовчанецот Ј.Н за Фактор.

Во Кочани, градот кој од почетокот на епидемијата бележи неколку смртни случаи во моментов има 104 активни, што според бројот на популацијата е навистина многу. Таму постојано заседава Општинскиот кризен штаб со апели до граѓаните за најстрого почитување на мерките.

– Бројот на заразени од коронавирусот во Кочанско деновиве е во постојан пораст. Во моментот има 104 активни случи, од кои 91 случај е на домашно лекување, а 11 на болничко. Од почетокот на пандемијата досега се оздравени 145 пациенти, а петмина се починати – соопшти Гоце Серафимов, директор на Центарот за јавно здравје – Кочани.

Градоначалникот на Општина Кочани, Николчо Илијев, како шеф на Општинскиот кризен штаб, истакна дека ситуацијата е многу сериозна и дека мора да се почитуваат мерките за заштита.

– Носење заштитна маска, одржување растојание и хигиена е единствениот начин за борба против коронавирусот – соопшти Илијев.

Поради актуелната состојба Општинскиот кризен штаб донесе заклучок годинава традиционалниот Кочански панаѓур да не се организира. Матичните лекари ја истакнаа потребата пациентите да не ги кријат симптомите и контактите, за да може состојбата да се држи под контрола. Мобилниот сервис за домашна посета и тимови од волонтери на Црвениот крст доставуваат храна, облека, лекови, инсулинска и онколошка терапија на лицата што се во самоизолација.

Инаку, вкупниот број на дијагностицирани со крона вирусот во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 16780, бројката на оздравени пациенти е 13949, на починати е 700. Во моментов бројот на активни случаи изнесува 2131. 

Faktor.mk

Translate »