Предизвици и перспективи на ревизорската професија – тема во фокус на дводневниот настан на ИОРРМ
Во текот на изминатите два дена (20 и 21.10.2020) во просториите на М6 Едукативниот центар се одржа едукативен настан на Институтот на овластени ревизори на Република Северна Македонија (ИОРРМ), каде главната тема беше „Предизвици и перспективи на ревизорската професија“. Панелот кој им се обрати на присутните беше составен од претставници на ИОРРМ и државните институции, меѓу кои и Главниот државен ревизор на Северна Македонија.
Целта на настанот беше да се запознаат учесниците со специфичностите на секоја од ревизиите посебно (независна надворешна, државна, интерна и внатрешна ревизија во јавниот сектор), како и да се споредат заедничките и спротивните аспекти на овие професии, која е целта на овие ревизии и слично. Имајќи ја предвид ситуацијата со глобалната пандемија од Ковид-19 настанот се одржа со ограничен број на присутни, а предност имаа оние кои први го регистрираа своето учество преку онлајн пријавата на веб-страната на ИОРРМ, додека останатите имаа можност предавањата да ги следат онлајн.
Настанот го отворија Претседателот на ИОРРМ,м-р Драган Димитров и Главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски, за веднаш потоа присутните да можат да го проследат предавањето за Меѓународни стандари за ревизија на Претседателот на Комисијата на ИОРРМ за стандарди заи ревизија, Бојан Петрески. Првиот ден од настанот беше заокружен со предавање за ИНТОСАИ стандардите на државна ревизија, кое го реализираа Бранислав Гулев и Тања Јаневска, Советник и Помошник на Главниот државен ревизор.
Вториот ден започна со обраќање на претставничката на ЗВРРСМ, Љупка Митровска, која ги запозна присутните со меѓународните стандарди за внатрешна ревизија и специфичните барања на овој тип ревизија. Последен предавач на настанот беше Трајко Спасовски од Министерството за финансии, чие едночасовно обраќање ја опфати темата Внатрешна ревизија кај субјектите од јавниот сектор. Овој настан на ИОРРМ заврши со панел дискусија на тема Актуелности и предизвици на ревизорската професија, во која учествуваа сите предавачи од изминатите два дена.
ИОРРМ како официјално коморско здружение на ревизорите од земјава се обидува да ја истакне важноста на ревизорската професија и да ги подобри условите за сегашните и идните ревизори, преку споделување на знаења, промовирање на високи професионални стандарди и претставување на нови алатки и начини на работа. Од тие причини ИОРРМ организира настани од ваков тип со цел да им овозможи на ревизорите и сите заинтересирани за оваа професија да се едуцираат за новите текови и стандарди во оваа гранка. Членови на ИОРРМ се ревизори, овластени ревизори, друштва за ревизија и овластени ревизори – трговци поединци.