Помина фазата на шок од ковид-19, сега се присутни лутината, отпорот и фрустрацијата, велат психолозите

Осум месеци светот, вклучувајќи ја и нашата држава живее под поинакви услови поради пандемијата со ковид-19. Вирусот наметна нови правила на секојдневно функцинирање и ако на почетокот од пандемијата, се случуваше „првиот бран“ на енормно пазарување поради страв и ширење на паника и дезинформации, се чини дека во текот на летото овој бран се смири. Сега, месеци подоцна, дел од луѓето сè уште живеат во паника и страв, а „подгревањето“ на овие емоции се зголемува со постојаното ширење на дезинформации, како и расправиите кои ги водат политичките партии во контекст на справувањето со ситуацијата со ковид-19 што дополнително влијае врз менталното здравје на луѓето.

Мета.мк уште во март разговараше со психолозите и психотерапевти Радмила Живановиќ, Ана Блажева и Христина Стефановска. Тие беа согласни дека тогашната новонастаната ситуација е голема промена и предизвик за сите, чии ефекти не можат да се предвидат, но ќе се одразат на секој аспект од живеењето. Психологот Ана Блажева тогаш напомена дека нереално е да се очекува дека нема да се појави страв и загриженост, вознемиреност, анксиозност и ред други состојби. Сега таа вели дека добро е да сме свесни дека „нормалноста“ што во овој случај значи базична безбедност не е постигната и дека е во ред да ги чувствуваме заморот и фрустрацијата од постојаната закана и неизвесност, покрај стравот што може да го менува својот интензитет и варијанта (анксиозност, паника, оспесивност, параноичност и сл.)

Ана Блажева, психотерапевтка | Фото: Лична архива

„За разлика од почетокот кога уште се соочувавме со првите фази на кризата односно шокот, сега сме во понапредната фаза во која покрај стравот се присутни лутината, како резултат на отпорот и фрустрацијата што сме оневозможени во нештата што ни се потребни и ги сакаме. Лутината често е насочена кон оние што ги сметаме како дополнително ограничување или закана – за едни тие што „паничат“, за други тие што се однесуваат како ништо да не се случува. Исто така во фазата на „преговарање“ се обидуваме да најдеме начин што е тоа што можеме да си го дозволиме, а сепак да останеме заштитени. На пример нема да излегувам во кафеани, но ќе си дозволам да излезам на некој настан. Ќе избегнувам гужви, но ќе си го дозволам кафето со пријатели во кафич и сл. Или ќе излегувам со пријателите, но секогаш ќе носам маска и одржувам дистанца и хигиена и сл.“ појаснува за Мета.мк, психотерапевтката Ана Блажева.

Но пандемијата со ковид-19 не ги изостави и најмладите. Психологот за деца и адолесценти, Христина Стефановска уште пред неколку месеци истакна дека пандемијата ќе биде тест за тоа каков дом и безбедно засолниште сме создале. Како што вели таа, промените кои сега ги забележува кај децата и родителите, а стекнати од нејзина приватна, но и професионална пракса веќе биле предвидени уште на почетокот на пандемијата.

Како што посочува Стефановска, многу важно е да знаеме дека децата учат за човековото однесување набљудувајќи го преку интуитивно истражување. Долго време веќе тие гледаат дека луѓето околу нив носат маски кои го покриваат скоро целото лице, а со тоа го губат основниот социјален контакт лице в лице што пренесува кај детето порака на отуѓеност.

Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти | Фото: Лична архива

„Децата не емпатизираат и се чувствуваат неразбрано од страна на другите. Тоа ги прави осамени со чувство на прзнина во градите. Во една од сесиите со деца, едно осум годишно дете ми рече: “Може да ја тргнам маската за подобро да зборувам и да ме разберете што сакам да ви кажам?”. Децата исто така веќе долго време гледаат како нивните родители не се прегрнуваат, избегнуваат и немаат никаков физички контакт со своите пријатели, роднини и блиски а претходно го правеле тоа што го програмира детето да се повлекува во домот, неволно за да шета и да биде физички активно, поминувајќи предолго време пред уред, да избегнува групи од луѓе чувствувајќи се небезбедно што предизвикува социјална анксиозност или создавање на некакви ирационални стравови во врска со нови или веќе постоечки социјални врски“, вели Стефановска за Мета.мк

Како што додава таа, децата по природа не се плашат од микроорганизмите, а помалите деца всушност не ни знаат што се тоа но гледајќи го однесувањето на возрасните учат опсесивно да реагираат на нив. Таквата опсесивност ги прави вознемирени и ограничени, аресивни поради чувството на контрола врз нив кое им ја одзема креативноста и можноста да се себеизразат, посочува психологот.

„Забележувам и регресивни форми на однесување, враќање на веќе стекнати навики како на пример: да јадат сами, да се облекуваат сами, да спијат сами во соба. Кај тинејџерите пак, постои генерално чувство на незадоволство и нетрпеливост, фрустрираност, незаинтересираност и сведување на сите активности како ”губење на време” истакнува Стефановска, порачувајќи им на родителите повеќе од било кога да ги гушкаат своите деца бидејќи на тој начин тие ќе се почувстуваат сакани и посебни.

Лиценцираниот психолог-психотерапевт, Радмила Живановиќ пред неколку месеци изјави дека поради загубената доверба во системот кој е потребно да нè штити и поддржува, луѓето реагираат импулсивно, брзо и ирационално, преку сè она што им се чини дека ќе ги заштити и ќе им обезбеди опстанок.

Translate »