Пејачката се соблекла гола за да ги покаже последиците од болеста на нејзиното тело
38-годишната пејачка Лиен Рајмс одлучила целосно да се соблече и фотографира за насловна страница на едно списание за да покаже како изгледа опасната психосоматска болест предизвикана од стрес поради коронавирусот.
Иако целото тело ѝ е прекриено со лушпести кругови и дамки, сопругата на актерот Еди Сибријан без срам го покажала своето „рането“ тело.
Псоријазата кај Лиен се појавила кога имала само 2 години.
„Се обидов да се излекувам со сè, со стероидни креми, разни лекови, дури и се замотував во јаглен“, признала добитничката на Греми на која псоријазата ѝ создавала големи проблеми додека била млада.
„Кога се појавував во јавноста, настојував тоа да го сокријам колку што можам. На сцена често носев два пара панталони или хеланки, дури и во најтоплите денови. Под маиците ме болеше стомакот кој беше прекриен со точки кои ме печеа и крвареа“, се присетила пејачката.
Но, во своите 20-ти години, Лиен открила третман кој ѝ помогнал да се ослободи од ваквата болест. Посебните инјекции кои ги примала успеале да ја излечат пред 16 години, а продолжила да ги прима сè до пред 2 и пол години. Кога болеста престанала да ѝ се враќа, таа помислила дека целосно се излекувала, но пандемијата на коронавирусот, карантинот и строгите мерки предизвикале стрес кај Рајмс и повторно враќање на псоријазата.
„Одеднаш не го правев тоа што сакам, не бев опкружена со луѓето кои ги сакам туку само седев по дома во тренирки. Стресот е вообичаен причинител на псоријаза, а со толку несигурност околу мене и во светот, не е ни чудно што се врати“, кажала Лиен.
Пејачката признала и дека некои луѓе долго време не ѝ верувале дека боледува од псоријаза поради тоа што толку добро ја криела болеста.
„Мислеа дека измислувам затоа што никогаш не можеа да видат доказ. Затоа одлучив дека е време повеќе да не се кријам и да бидам искрена во врска со болеста и како влијае на мене. Но, кога ќе ја погледнам оваа фотографија, гледам многу повеќе од самата кожа. Се чувствувам многу полесно сега, откако со години го криев ова од сите“, раскажала Лиен и ги повикала сите кои се срамат од своите болести да истапат и да ја споделат својата приказна.