Информ ДОО и Општина Ѓорче Петров потпишаа меморандум за соработка и употреба на уредот PURECLOUD

Во знак на продолжување на континунирата работа за заштита на животната средина, општината Ѓорче Петров на чело со градоначалникот Александар Наумоски го потпиша меморандумот за соработка со македонската компанијата Информ ДОО, со цел користење на нивниот иновативен уред PURECLOUD. Функцијата на уредот е мерење на загадувањето на воздухот на микролокација, кое веќе започна да се спроведува на територијата на оваа општина.

PURECLOUD е производ на здружениот труд помеѓу македонската компанија Информ ДОО и ФЕИТ, со поддршка од Фондот за иновации и технолошки развој. Овој уред работи на тој начин што ги открива видот и потеклото на загадувањето се’ до изворот од кој доаѓа, а потоа ги складира добиените податоци на cloud за понатамошни истражувања и анализи.

Општината Ѓорче Петров стана првата општина која го тестираше уредот во реални услови. Како дел од демонстрацијата на уредот беше утврдено дека во Ѓорче Петров се дише почист воздух отколку во повеќето скопски општини, но деталноста на податоците и успешноста на функционирањето на PURECLOUD ги убеди градоначалникот и неговите советници да ја продолжат соработката со Информ ДОО и да го потпишат овој меморандум.

„Овој уред ќе има широка примена во општеството и ќе ни помогне во иднина полесно и поточно да ги откриеме причините за воздушното загадување. Во име на целата на Општина Ѓорче Петров, па и на сите граѓани на оваа земја, му посакувам многу среќа на тимот на Inform DOO во следните предизвици и проекти, со очекување дека повторно ќе успеат да пронајдат ново решение за некои од најголемите проблеми на модерното време“, изјави градоначалникот Александар Наумоски.

Овој меморандум за соработка со Информ ДОО доаѓа како следен во низата општествено корисни акции кои ги спроведе општината Ѓорче Петров во изминатите години, како напор да им обезбеди на своите граѓани што подобри услови за живот. Преку употреба на уредот PURECLOUD, општината ќе може полесно да ги утврди причините и причинителите на воздушното загадување, што ќе овозможи поголема контрола над регулирање на емисијата на гасови на оваа територија.

Translate »