Строгите мерки во Германија се покажаа ефикасни: Вирусот забавува
Нивото на инфекција со Ковид-19 во Германија е сè уште „превисоко“, но новите ограничувања воведени на почетокот на месецот се „ефикасни“ и обезбедуваат „оптимизам“ за развојот на епидемиолошката состојба, оцени денес референтната здравствена установа во таа земја.
„Бројките се уште се високи, превисоки“, но „строгите мерки се ефикасни и ние сме на добар пат“, рече на прес-конференција претседателот на институтот Роберт Кох (РКИ), Лотар Вилер, додавајќи дека е „оптимист“.
Вилер рече дека бројките се стабилизирале на високо ниво и дека кривата на новозаразени се израмнува. Предупреди дека е рано да се зборува дали станува збор за запирање на трендот, но дека новите податоци сепак поттикнуваат оптимизам.
„Јас сум оптимист и сакам да верувам дека бројките, кога ќе се видиме следната недела, ќе паѓаат, иако не можам да го ветам тоа“, рече тој.
Институтот денес објави 22.609 нови потврдени случаи на инфекција со коронавирус и уште 251 смрт.
Уте Рексрот, висок службеник во Институтот, рече дека таканаречениот репродукциски број, што означува колку луѓе се заразени од секој позитивен случај, паднал, пренесува АП.
Германија воведе построги мерки на почетокот на ноември, затвори ресторани, барови и спортски сали, но ги остави училиштата и продавниците отворени.
Во ситуација што е се уште сериозна, Вилер ги повика Германците да не прават компромиси при придржувањето кон мерките. Тој рече дека можно е некои болници да ги достигнат своите граници.
Рестриктивните мерки се поддржани од мнозинството Германци, но на нив се спротивставува гласно малцинство кое редовно организира протести низ целата земја, тврдејќи дека ограничувањата се неуставни.
До денес, во Германија се регистрирани вкупно 855.916 случаи на инфекција и 13.370 смртни случаи.
Канцеларката Ангела Меркел и 16 шефови на регионални влади ќе се состанат на 25 ноември за да усвојат мерки што ќе останат во сила до почетокот на следната година.