Непопуларна, но неопходна мерка: Економистите ја подржуваат одлуката на владата да стави крај на нерентабилното работење на државните загубари

Евентуалните дилеми околу исправноста на најавите на Владата да ги продаде, даде под концесија или понуди во форма на jавно приватно партнерство Попова Шапка, Железница, Ливадиште, TEЦ Неготино, Еурокомпозит и други субјекти кои освен трошоци не прават никаков профит, за професорот Ванчо Узунов се апсурдни.

Како доблест ја посочува одлуката на Владата да ги реши проблемите, свесно ставајќи го политичкиот рејтинг во втор план.

„Особено на краток рок, владата нема да има политички бенефиции од еден ваков предлог. Меѓутоа, тоа е сепак неопходно да се направи“, вели тој, во спортивно овие нерентабилни субјекти треба да се ликвидираат или да се остават во статус кво ситуација.

„Тоа што искуството го покажува како несомнено, е дека државата/владата – разбрана во генеричка смисла на зборот – е „лош стопанственик”. Особено во однос на таков вид на деловни субјекти. Инаку, тие и до сега би биле „решени”, односно би биле доведени до рентабилно работење”-вели Узунов.

Според очекувањата на Владата со парите од продажбата на овие капацитети веќе догодина ќе може да се финансира дел од буџетските потреби. За целиот процес се потребни добри подготовки но претпоставувам дека Владата има намера тоа да го направи без големо колебање, вели Узунов појаснувајки дека давањето на некои ресурси под концесија или нивно реорганизирање со некој друг облик на јавно приватно партнерство не претставува нивна продажба.

„Илузија е мислењето дека Владата ќе може со нив да раководи добро и рентабилно”, вели тој. „Граѓаните можат да имаат секакви мислења за тоа каква беше нашата приватизација, а веројатно за многу работи се и во право. Меѓутоа, она што овие останати неприватизирани фирми го покажуваат како непобитно е фактот дека, ако не се случеше приватизацијата, целата наша економија денес ќе беше во многу полоша ситуација. Економската ситуација во РСМ денес не е баш за пофалба, а тоа е уште повеќе така во однос на социјалната раслоеност на нашето општество, но тоа не е така заради приватизацијата, туку затоа што други аспекти од „доброто владеење” на владите не биле какви што требале да бидат. Тука мислам пред сé на регулаторната улога на владата (на нејзините регулаторни тела, т.е. на оние институции што треба да ги регулираат таканаречените „неуспеси на пазарот”), а потоа и на редистрибутивната улога на владата – прашањето на (не)постоењето на „праведно оданочување“ кај нас. Не треба да ги мешаме тие работи”, вели Узунов.

Со која динамика ќе се реализираат најавите зависи од интересот односно од побарувачката на пазарот кога тие субјекти ќе се понудат. Очекувањата се дека економијата во целина ќе добие рентабилни и профитабилни деловни субјекти, буџетот ќе добие прилив на средства а граѓаните и фирмите ќе добијат добра и услуги какви што досега речиси и немале од тие субјекти.Ако се помине во ред,според Узунов,може да се очекува дека добивките ќе бидат поголеми од загубите.

Професорот Пеце Недановски од друга страна е внимателен во однос на очекуваните позитивни ефекти од одлуката на Владата.Категоричен е дека во услови на криза нема место за оптимизам дека државата може да добие позначајни износи на финансиски средства од нивна продажба. Преферира решение за посочените субјекти во целосна или делумна државна сопстевност да се бара преку ЈПП.

„Вообичаено, во услови на рецесија, пазарната вредност на најголем дел од компаниите е потценета. Оттука, продажбата не е примарно решение во вакви услови. Таму каде што е можно, ЈПП би било подобра алтернатива”, вели Недановски.

Повикувајќи се на искуствата од праксата Недановски го истакнува фактот дека склучувањето договор за ЈПП е сложена и долга постапка.Нашите искуства во реализирање такви договори се скромни а како пример за успешна приказна го посочува договорот со ТАВ.

Недановски е резервиран и во однос на најавата за продажба на земоделско државно земјиште.

„Продажбата на земјоделско земјиште со цел надоместување на сегмент од буџетскиот дефицит, не е оправдана, посебно во услови на ваква криза. Од друга страна, во поглед на подготовката на терен за евентуален договор за ЈПП во случајот на Попова Шапка, можат да се најдат економски аргументи кои одат во прилог на ова, но само врз основа на претходни детални анализи.”, истакна тој.

Владата пред два дена најави дека освен Макеоднска пошта,има интерес за продавање и за двата хотела на ЕСМ на ПОпова Шапка, Ливадиште, ТЕЦ Неготино, Железници и транспорт, ТК Прилеп, Еврокомпозит. Голем потенцијал според Владата има и во можностите за продажба на земјоделско земјиште во државна сопственост од што во буџетот се очекува да влезат околу 300 милиони евра.

Translate »