Шилегов: Од јуни ќе биде имплементирано паметното осветлување во градот
Скопје ќе добие систем за паметно осветлување и платформа за дигитален град или т.н. „Смарт сити“. Петре Шилегов вчерва во емисијата „360 степени“најави дека од јуни ќе биде имплементирано паметното осветлување во градот.
Град Скопје со група компании на чело со Македонски Телеком потпишал договор во вредност од 401 милион и двесте илјади денари или околу шест и пол милиони евра има рок од 45 дена од потпишувањето да изготви финално техничко решение и уште 320 дена по одобрувањето на решението за набавка и инсталација на системот, обука на кадарот и едномесечна пробна работа на системот.
„Интегрираниот дигитален систем ќе овозможи дигитализација на паркинзите во Скопје, на водомерите, бесплатна интернет мрежа преку апликацијата. Исто така, комуникацијата со граѓаните да биде дигитална за поднесување документи и добивање на решенија, а тука ќе бидат потребни законски измени што ќе мора Собранието да ги донесе“, рече Шилегов.
Во однос на паметното осветлување, тој вели дека значително ќе се намалат трошоците што сега за Градот Скопје изнесуваат околу над милион евра годишно.
„Град Скопје за улично осветлување троши над милион евра годишно, со проектот „Смарт сити“ и паметно осветлување се очекува Градот да заштедува од 60 до 70 отсто…Паметно осветлување што ќе свети или ќе осветлува онолку колку што во моментот е потребно, зависно од движењето на луѓето, затемнетост на околината, кога има магла. Кога ќе се движите по некоја затемнета улица софтверот ќе го прати вашето движење и ќе го зголемува нивото на осветленост. Моите очекувања се дека некаде до јуни паметното осветлување ќе биде имплементирано, станува збор за околу 12 илјади сијалици кои треба да се заменат“, рече Шилегов.