Трајковски до Мијалков: Се заколнав на правда за „Ровер“, а целосна ќе биде кога ти како нарачател ќе завршиш зад решетки

Почна во декември 2012, а со правосилна судска пресуда заврши во февруари 2021. По 9 години низ судските лавиринти, случајот „Ровер” доби потврда на првостепената трета по ред пресуда, која овој пат беше ослободителна. Овој документ, кој е правосилен и ја гарантира слободата по овој предмет за поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошкоски, неговиот тогашен шеф на обезбедувањето, Зоран Трајковски, Сашко Јовановски, Ивица Ристиќ, Гоце Митревски и Никола Негриевски, обвинетите чекаат да го добијат и во писмена форма.

Најдолгиот притвор за случајот „Ровер” го имаше Трајковски. Тогашниот шеф на обезбедувањето на Љубе Бошковски беше во притворска ќелија точно 1.073 дена, односно три години. За 9 години Трајковски доби за исто дело 10 и пол години затвор, па 8 и пол години затвор, за на крајот да биде ослободен од обвинение за нарачано убиство.

За кривичното дело по член 123 став 2 за кое е предвидена затворска казна од 10 години до доживотен затвор, Законот за кривична постапка предвидува дека притворот може да трае најмногу 2 години од правосилност на обвинителниот акт.

Кај Трајковски овој дел не е запазен и неговиот притвор без 23 дена трае 36 месеци.

Во изјава за МКД.мк Трајковски вели дека правосилната пресуда за „Ровер” му го тргнала јавниот срам во кој неговото семејство живеело со години, но за него е само прв чекор до правдата за она што го изгубил во речиси една деценија.

По ослободителната пресуда за ексшефот на обезбедувањето на Бошковски следат уште две клучни цели, а тие се, да ги види нарачателот на сценариото за „Ровер”, Сашо Мијалков и извршителот на сценариото, Горан Грујевски зад решетки, бидејќи според она што тој го знае, Мијалков е умот на целиот процес за предметот за нарачаното убиство на Маријан Тушевски и Киро Јанев, и да си го наплати финансискиот дел што му го одзеле со, како што вели, нарачаниот предмет „Ровер”.

„Ослободителната пресуда за овој случај, кој од самиот почеток за мене е монтиран и нарачан, е само првиот чекор до целосна правда. Вториот чекор е нарачателот на сценариото за „Ровер”, Сашо Мијалков, да биде осуден и пратен во затвор бидејќи тој сторил кривично дело, како и да одговара извршителот на неговата нарачка, односно Горан Грујевски. Кривична одговорност за овој предмет има и обвинителката Лидија Раичевиќ. Јас како припадник на МВР соработував со неа во годините пред Ровер и имам високо мислење за неа како професионалец. Обвинителката, можам да кажам и дека дури и професионално си го сработи она што ѝ беше нарачано од Мијалков. Раичевиќ во случајот Ровер беше 50/50, половина професионалец, а половина работеше под диктат. Таа од ништо направи нешто, но како што одеше судскиот процес, се гледаше дека таа сама беше свесна дека сето тоа еден ден ќе падне. Намерата беше „Ровер“ да биде бомбастично најавен процес, за потоа во текот на постапката да запре кривичниот прогон за дел од обвинетите, за кои уште на самиот старт тврдевме дека се декор во предметот, бидејќи целта беше да останаме јас и Љубе. “, вели Трајковски, кој сега е на слобода.

poveke na mkd.mk

Translate »