Костовски до штедачите: Делувате како брод без компас, меѓу вас има инфилтрирано луѓе за да бидам виновен само јас и семејството
Се трудам да го сфатам вашиот гнев и вашата желба за потрага по вистината за украдените пари. Пред некој ден го изразив сомнежот дека не сите членови на здружението на оштетените штедачи на ЕСБ се влезени со цел да се разоткрие криминалот и да се вратат парите на оштетените.
За жал констатирам дека и во вашиот состав имате инфилтрирани луѓе, со цел да ме елиминирате мене и целото семејство како највиновни за стечајот на Еуростандард Банка. Тоа е најобична лага. Чувството на некоординираност меѓу вас оштетените штедачи е евидентно и вие вашите ставови ги креирате на база добиена информација или разбрана информација од извори познати или непознати. Како здружение делувате, како брод без компас.
Големата слика за стечајот на ЕСБ е многу подлабока и за вас можеби тешка да ја разберете. Се работи за организиран криминал, во кој се вовлечени лица кои ја знаеле целта и многу правни и физички лица кои беа третирани како глинени гулаби за еднократна употреба, користејќи ги нивните трансакциски сметки. Со вашиот претседател од здружението имав во два наврати средба. Неговиот начин на размислување како сум требал да ја решам ситуацијата со стечајот на ЕСБ се многу далечни и неприфатливи за мене како човек. За сега нема да откријам на што се заснова оваа моја констатација, меѓутоа ако инсистирате и тоа ќе го кажам.
Во вас гледам оштетени коминтенти на ЕСБ и тоа е мојот натамошен порив да успеам со оваа моја активност да го дискредитирам организираниот криминал којшто владее во Република Македонија. Сите ние, значи вие и јас сме колатерална штета во ова општествено зло. Утре ќе бидат нови лица кои ќе ја почувствуваат горчината дека спечаленото го изгубиле на криминален начин. На тоа се должи мојата посветеност пријатели.
Сакале ние или не, ЕДНАШ МОРА ДА МУ СТАПНЕМЕ НА ОВА ЗЛОДЕЛО, и да го уништиме во целост. За ваша информација, во времето кога се однесе банката во стечај јас немав никаква функција во Еуростандард Банка, меѓутоа прв истрчав да се борам за вашиот и мојот интерес. Во Надзорниот Одбор на банката членуваа и други еминентни членови кои денес не се ниту споменуваат во јавноста. ЗОШТО? Ова се должи на нашата неукост.
Парадоксално е, вие го напаѓате човекот кој од петни жили работи да ви се вратат средствата. Не барам да ми кажете благодарам, ама за овој мој чин поддршката од ваша страна би била сосема исправна. Ви посакувам и натаму да делувате, меѓутоа вооружете се за оваа битка која ќе трае долго. Идната недела ќе го објавам изработениот текст кој 6 месеци е анализиран во системот на моите правни служби, за кој сум убеден дека ќе ви ја долови вистинската слика околу стечајот на Еуростандард Банка.
Трифун Костовски