За „зелено“ затоплување и транспорт, Австрија за граѓаните воведува еколошки данок и бонуси

Од 1 јули 2022 година граѓаните на Австрија ќе добијат реформиран даночен систем, којшто ќе зависи од емисиите на јаглерод диоксид што ги испуштаат самите поединци. Секој граѓанин ќе биде оданочен со 30 евра по создаден еден тон на јаглерод диоксид испуштен во атмосферата, којшто во 2025 година ќе се искачи на 55 евра по испуштен тон од овие стакленички гасови, јавува Асошиејтед прес.

Австриските власти пресметале дека емисиите на јаглерод диоксид по жител изнесуваат 7,6 тони годишно, негативна бројка која што треба да се намалува со најновиот воведен данок. Ваквото оданочување ќе се додава на сметките кои граѓаните ги добиваат од компаниите, а се однесуваат на затоплувањето и транспортот што го користат граѓаните.

Покрај ова, од наредната година граѓаните на Австрија ќе можат да добијат и „климатски бонус“ од 100 до 200 евра, како би се стимулирале да извршат промени кон користење на зелената енергија.

Годишното рефундирање од 100 евра ќе важи за жителите во градските средини, додека во руралните средини што се отсечени од јавниот транспорт, жителите ќе можат да добијат по 200 евра годишно. Децата ќе имаат право на половина од надоместокот којшто го добиваат нивните родители.

Воведувањето на данокот на испуштање на јаглерод диоксид од граѓаните е едно од главните ветувања на Партијата на зелените во Австрија, која е дел од владејачката коалиција. Очекувањата на властите се дека оданочувањето ќе ги натера австриските граѓани да користат поеколошки средства за затоплување и транспорт во нивното секојдневие, што пак ќе води кон намалување на емисиите на стакленички гасови.

Translate »