Пендаровски: Малкумина останавме да живееме во татковината, нови делби на смееме да си дозволиме

Претседателот Стево Пендаровски во годишното традиционално обраќање во парламентот повика на национално обединување, претпазливост и конзистентен пристап во однос на решавањето на спорот со Бугарија, воедно ја искоментира и одлуката за оствката на премиерот Зоран Заев.

-Иако не спаѓа во моите надлежности, ќе ми дозволите, сосема кусо да го прокоментирам повлекувањето од политиката на досегашниот премиер Зоран Заев, со кого во изминативе десет години заедно биевме битки во широкото граѓанско движење за човекови слободи и права. Независно од индивидуалните ставови на граѓаните за политиките на премиерот во заминување, на јавноста впрочем ѝ се познати неколку несогласувања и меѓу нас по некои прашања, тоа е неспорно чин што треба да се поздрави затоа што не се случува често во новите демократии. Факт е дека тој се повлекува кога неговата партија е на власт, а тоа е дијаметрално спротивна позиција од 2017-та, кога не можевме да изведеме мирна транзиција на власта при оформено парламентарно мнозинство, што директно ги испровоцира настаните од 27 април, најголемиот срам за македонската демократија во историјата, кажа шефот на државата.

Тој рече дека политиката е дел од нашите животи, но таа не треба да стане целиот наш живот.

-Кога човекот ја наоѓа смислата на своето постоење само во политичката моќ и владеењето со другите, кога доаѓањето и останувањето на власт е единствената кауза во нечиј живот, тоа ја отвора ширум вратата за конфликти и поделби меѓу луѓето.
Малкумина останавме да живееме во татковината, поделени сме по многу основи, и нови делби се последната работа која смееме да си ја дозволиме, рече Пендаровски.

Translate »