Со една лименка или пластично шише до влезница на концерт на Констракта, Дина Јашари и бендот „Хајка“!
Со една лименка или пластично шише како влезница, благодарение на Пакомак, во петок 16 септември, можете да влезете на концерт на Дина Јашари, бендот „Хајка“ а потоа и на настап на Констракта и бендот земља грува кој ќе се одржи на платото пред Филхармонија (плоштад Мајка Тереза), како дел од дводневниот фестивал „Звукот на Скопје“.
Првата вечер од фестивалот е во знакот на екологијата и поттикнувањето еколошки навики кај граѓаните. Целта е селектирањето на отпадот да биде дел од нашето секојдневие, од нашиот животен стил, а во функција на здрава и чиста животна околина.
Убаво е чувството кога две традиции ќе се спојат во една, „Звуците на чаршијата“, сега „Звукот на Скопје“, се одржува веќе 16 години, а нашиот концерт „Sound of green“ се реализира по десетти пат годинава и одлучивме заедно и партнерски да работиме со КИЦ. Идејата е да има добра забава, но и едукација на младите за екологија и за селекција на отпад. Влезницата за тој концерт ќе биде едно пластично шише или една лименка. Бендовите, добрата музика и забавата ветуваат дека ќе привлечеме публика и да испратиме еколошка порака од целиот фестивал, рече Ико Брдароски од „Пакомак“.
Истиот ден како дел од фестивалот низ чаршијата ќе бидат бендот „Вива стрингс“ и германскиот бенд „Дијаз војтас дуо“ ( Diaz Wojtas Duo), а во галериите на КИЦ ќе може да се погледне изложбата „Македонија“ (MASEDONIA) од бразилските уметници Даниел Kастинет ( Daniel Chastinet) и Вилсон Нето (Wilson Neto).
Плоштадот „Мајка Тереза“, на платото пред зградата на Филхармонија, паркот Ибни Пајко и неколку други места во чаршијата и следниот ден ќе бидат локациите на кои ќе се одржат музички настапи, изложби, театарски претстави, поетски читања.
„Љубојна“, Тони Китановски и Черкези, „Бла, бла, бла“, „Foolish Green“, „Брука бенд“ ќе настапат на плоштадот „Мајка Тереза“ ( пред Филхармонија), а во паркот Ибни Пајко ќе се претстават бендовите „Баклава“, Дориан и Добрила, „Перија“. Во рамките на таа сцена ќе се одржи и поетско читање, ќе биде изведена и детската претстава „Куферко, светскиот патник од Македонија“, а публиката ќе има можност да ја погледне и изложбата на колажи на Игор Калц, истакна Антонио Димитров, директор на КИЦ, кој го најави најновото издание на Фестивалот.