Уни Банка има резултати за почит? Ја зголеми добивката за 56 отсто
УНИ Банка има одлични вести за своите акционери. Годината е повеќе од успешна, а особено е импозантен растот на профитот. При тоа вреди да се истакне дека приходите се толку солидно реализирани што во билансот на успех тие не се засегнати ниту од зголемените трошоци за резервации.
УНИ Банка во 2022 има резултат за почит. Постигнат во голема конкуренција во сегментот на средни банки на македонскиот банкарски пазар.
Официјалните годишни податоци на оваа банка покажуваат дека УНИ Банка успеала да ги зголеми нето приходите од камати и особено од провизии и надоместоци, а значајно да приходува и од курсни разлики како и од други оперативни приходи. И истовремено со тоа да ги зголеми расходите за своите вработени за 6,3 отсто во споредба со претходната година.
Дополнително значење на финансискиот резултат на УНИ Банка дава и тоа што во овој период се зголемени издатоците за резервации.
Да почнеме со ред. Лани УНИ Банка инкасирала 15,8 милиони евра нето приходи од камати. Тоа е за 2,16 милиони евра повеќе од претходната година.
Дополнително на ова банката книжиособен нето раст на приходите од провизии и надоместоци. Тие се зголемени за речиси 40 отсто и на крај на 2022 година достигнале 5,2 милиони евра. Тоа е за 1,45 милиони подобар резултат од претходната година. Тој укажува на факт дека банката го зголемила своето пазарно учество на овој сегмент од финансиските услуги.
Значајно е да се истакне и тоа што банката прокнижи раст на приходите од курсни разлики и тоа за 24 отсто до износ од 688.000 евра.
Во овој период оваа банка за резервации на ризични пласмани издвоила 6,73 милиони евра што е за 29 осто повеќе од претходната година. Токму овој податок дополнително ја засилува перцепцијата дека УНИ Банка лани работела значајно подобро на приходната страна во споредба со претходната 2021 година.
И секако дека вреди да се истакне грижата и мотивацијата за вработените. За нив банката лани потрошила 5,7 милиони евра , а тоа е 6 отсто подобро од претходната година.
Сума сумарум нето добивката за минатата година изнесува 5,55 милиони евра и е за 2 милиони евра односно 56 отсто повисока од 2021 година.
На страната на билансот на состојба најзначајна разлика има кај вложувањата во хартии од вредност. Банката ги зголемила за 64 отсто во однос на претходната споредбена година и тие достигнале 20,9 милиони евра. Мало зголемување има и кај кредитните пласмани. На крај на 2022 година тие изнесувале 293,5 милиони евра. Наспроти нив се депозитите, кои се минимално зголемени, и вредат 317,8 милиони евра.