Време е за пролетно садење: Дознајте ги 7-те најголеми придобивки од градинарството
Пролетта е годишно време кога не само животинскиот свет, туку целата природа се буди од неколкумесечниот длабок „зимски сон“. Поттикнати од топлите зраци на пролетното сонце, дрвјата повторно раззеленуваат, овошките расцутуваат, јоргованите и багремите нè опиваат со нивната неодолива миризба, а луковиците, како што се лалињата, зумбулите, криновите и нарцисите, се пробиваат низ почвата, се растегнуваат со своите зелени ливчиња и ни го со соопштуваат доаѓањето на пролетта преку пуштање на прекрасни разнобојни цветови.
Ќе признаете, сè е поубаво во пролет! Па дури и нашето расположение и енергија чувствуваме како се будат и се на многу повисоко ниво. Се чувствуваме полни со елан и мотивирани за поставување на нови цели и за работа на нови проекти за себеразвивање, но и за добробит на нашите најблиски. Некои од нас одлучуваат да почнат со „изградба“ на своето тело од соништата, па се запишуваат во теретана. Други, одлучуваат да почнат со реновирање на станот или изградба на семејна куќа далеку од градскиот метеж. Трети, пак, решаваат да се фатат со работа и да ѝ дадат нов, посвеж и поубав изглед на својата градина или тераса. Токму садењето и грижата за растенијата во пролет со себе носат бројни придобивки за нас, но и за пошироката околина, а во продолжение ви откриваме кои се најголемите 7:
1. Согорување калории и одржување на телото во добра форма
Градинарството е одлична активност за одржување на виталноста и нашето физичко здравје затоа што преку него согоруваме калории. Имено, преку садењето согоруваме од 200 до 400 калории на час, со чистење на градината топиме по 400 калории на час, со косење на тревата од 250 до 350 калории на час, со плевење од 200 до 400 калории на час, а со наводнување губиме по 120 калории на час. Научниците пресметале дека преку грижата за растенијата и работата во градината луѓето „вежбаат“ 40-50 минути подолго од оние кои избираат да пешачат или возат велосипед како умерена активност односно дека преку градинарството се топат далеку повеќе калории. Со работа во градината од само два и пол часа неделно го навалувате ризикот од дебелина, дијабетес тип 2, деменција, рак на дебелото црево и прерана смрт.
2. Намалување на крвниот притисок
Здравствените работници препорачуваат 30 минути умерена физичка активност во повеќето денови од неделата, а токму градинарството е лесен начин без преголем напор да ја поттикнете работата на срцето и циркулацијата на крвта во телото. Истражување направено на 4000 испитаници во Стокхолм, Шведска покажало дека луѓето постари од 60 години кои се занимаваат со некоја форма на градинарство имаат 30 отсто помали шанси да добијат срцев или мозочен удар. Накратко речено – градинарството го продолжува животот!
3. Создавање на витамин Д и поцврсти коски
Пријатните температури и продолжувањето на денот на пролет ни дозволуваат да поминуваме подолго време во градината или на терасата. Токму преку градинарството и грижата за растенијата во пролетните денови нашата кожа е изложена на сончеви зраци, чие УВ зрачење не е така големо како во лето, а на тој начин го поттикнуваме телото да ги создава потребните дози на витамин Д. Знаеме дека витаминот Д е од исклучително значење за апсорпција на калциумот и фосфорот во коските, па така, преку пролетните активности и „копкањето“ во градината директно влијаеме на спречување на декалцификација на коските и го намалуваме ризикот од остеопороза.
4. Поквалитетен сон
Поминувањето време на отворено и вклучувањето на лесна физичка активност како што е градинарството може да помогнат во регулирањето на внатрешниот часовник на вашето тело. Поточно, преку изложувањето на природна сончева светлина во текот на денот и поминувањето време на свеж воздух можете да го подобрите квалитетот на сонот во текот на ноќта. Ова е од особено знаење за оние кои имаат проблеми со спиењето и циркадијалниот ритам односно со 24-часовниот биолошки часовник којшто ги регулира заспивањето и будењето. Земајќи предвид дека внатрешниот биолошки часовник влијае на сѐ, од лачењето на хормоните и навиките во исхраната до регулирање на температурата на телото и метаболизмот, можете да ја согледате важноста на квалитетниот сон врз квалитетот на целокупниот живот.
5. Намалување на стресот и подобрување на психичкото здравје
Бројни истражувања ја потврдуваат теоријата дека градинарството е извор на среќа и влијае на подобрување на расположението односно дека ги намалува симптомите на депресија, анксиозност и стрес. Експеримент спроведен од НАСА покажал дека градинарството ги одржува астронаутите среќни и здрави додека се во предизвикувачките и непредвидливи мисии во вселената. Садењето и одгледувањето на растенија, па дури и кога тоа е во мали саксии, може значително да помогне во подигањето на расположението и духот. Токму затоа, дури и некои болници во светот го користат садењето и одгледување цвеќиња како вид на рехабилитација за луѓе кои закрепнуваат од повреди, мозочни удари, операции и други состојби. Градинарството едноставно дава можност да се фокусирате на нешто позитивно и да го ставите вашиот ум да работи со цел и задача. Дополнително, грижејќи се и гледајќи го растењето на нешто живо, како што се растенијата, ја поттикнувате вербата во иднината и чувството на продуктивност кај себе. На тој начин го поткревате духот, а кога духот се чувствува добро, голема е веројатноста дека ќе се чувствувате добро и во сите други области.
6. Обезбедување почист воздух и подобрување на еко-системот
Преку садењето и грижата за растенијата во вашата градина или на терасата, не само што директно влијаете на подобрување на вашето физичко и ментално здравје, вие дополнително позитивно влијаете на подобрување на здравјето и условите за живот на вашите најблиски и на околина во која живеете. Општо познато е дека растенијата се од исклучително значење во обезбедувањето на чист воздух, намалувањето на поплавите и намалувањето на летните температури во урбаните средини. Покрај тоа, преку создавање на мала зелена оаза кај вас, вие влијаете на подобрување на еко-системот и биодиверзитетот во средината во која живеете. Обезбедувате услови за живот и заштита од предатори на животинските видови кои се важни во синџирот на исхрана и во намалувањето на бројот на штетници. Оттаму, садењето на ново дрво во вашата градина или, пак, ново растение на терасата, секогаш е одлична идеја.
7. Зајакнување на семејните и социјалните врски
При набројувањето на бенефитите од пролетното садење и градинарството, не треба да го заборавиме и зајакнувањето на семејните и социјалните врски. Садењето на нови растенија и грижата за веќе постоечките, во градината или на терасата, може да биде одлична пролетна активност во која ќе бидат вклучени сите членови од семејството. На тој начин секој член дава свој белег и придонес во уредувањето на заедничкиот дом. Кај децата се зајакнува тимскиот дух и уште од мала возраст се учат на одговорност, но и на грижа за околината. Покрај тоа, на пролет и во лето, кога температурите се пријатни, градината и терасата се места каде се создаваат нови спомени со членовите од семејството и се поминуваат незаборавни мигови со пријателите, а убаво уредените зелени катчиња се дополнителен стимул за почесто и подолго поминување време во нив.
На крајот, може да заклучиме дека бенефитите од пролетното садење и градинарството се навистина бројни. Пролетта е како создадена за валкање со земја и наше спојување со природата. Преку градинарството вие сте сигурен добитник на 7ца односно на 7те придобивки кои ги споменавме погоре. А во откривањето и уживањето на овие благодети, како поддршка во целиот процес, на ваша страна ги имате пријателите од Градинарскиот центар ФОЈА на бул. Борис Трајковски бр. 152А во Скопје, на телефонските броеви 02/2772-046 и 078/225-897 и на веб страницата https://foja.com.mk/. Флорамисионерите од ФОЈА не само што ќе ви ги понудат совршените растенија за вашата градина или тераса, туку и ќе ве „наоружаат“ со целата потребна опрема и сите неопходни совети, информации и знаења како да се впуштите во градинарството како вистински професионалци.
Пролетта е тука √, убавото сончево време е тука √, вашите нови растенија од ФОЈА се тука √ – уживањето во пролетното садење МОЖЕ ДА ЗАПОЧНЕ! 😊