Македонски Телеком го доби престижниот сертификат Employer Partner
- Прва компанија во Македонија којашто го добива овој сертификат за извонредни практики за човечки ресурси
SELECTIO Group, водечката групација за консултации и поддршка за човечки ресурси, ја препозна работата на Mакедонски Телеком и на компанијата ѝ го додели престижниот регионален сертификат Employer Partner. Ова признание се доделува за извонредни резултати во полето на човечки ресурси, а Македонски Телеком е првата компанија од земјата којашто го добива.
Employer Partner е регионален сертификат за извонредни резултати во полето на човечките ресурси којшто Групацијата SELECTIO им го доделува веќе 19 години на најуспешните компании од регионот, а оваа година, за прв пат во Македонија, на Македонски Телеком. Целта на овој сертификат е да ги потврди транспарентноста и квалитетот на праксата за човечки ресурси и на тој начин да ги инспирира организациите да создадат атрактивни работни места за сите сегашни и идни вработени.
„Во денешно време, предизвик е да се креира и одржи работна средина во која вработените се мотивирани да се развиваат. Тоа подразбира континуирана организациска трансформација, воведување одлични програми за професионален развој и поволности. Но, пред сѐ, тоа значи креирање култура во којашто се цени придонесот на поединецот. Признанието е само доказ дека успешно се справуваме со овој предизвик.“, изјави Ставрос Георгакопулос, Лидер за вработени и трансформација.
За да ги исполни условите за добивање на сертификатот, Македонски Телеком оваа година спроведе детална и темелна евалуација на практиките за човечки ресурси и имплементираше реформи коишто се покажаа како продуктивни за подигање на нивото на задоволството и сигурноста кај работените. Групацијата SELECTIO посебно ги пофали практиките на Македонски Телеком во спроведувањето и дефинирањето на развојот и наградувањето на вработените.
Вработените на Македонски Телеком на своето работно место можат да се потпрат на своите ментори и менаџери, коишто се обучени да им обезбедат поддршка во совладувањето на деловните предизвици и услови за индивидуален и професионален развој. Притоа, Телеком на вработените им нуди низа развојни активности, како што се учество на конференции, коучинг, менторство, како и соработка и собирање искуство од меѓународни проекти. Се евидентираат сите образовни и развојни програми и се прибираат повратни информации за да се обезбеди континуиран напредок.
Компанијата има и дефинирана програма за признание на вработените, како што е програмата Power of People којашто вклучува различни категории на извонредност, а вработените коишто постигнуваат одредени резултати се соодветно наградени.
Добивањето на сертификатот Employer Partner е потврда за успешните практики на Македонски Телеком да обезбеди најдобро работно искуство за вработените и да им помогне да го најдат вистинскиот кариерен пат преку отворање можности за обука, развој и напредок. Компаниите со овој сертификат покажуваат извонредно ниво на управување со човечкиот потенцијал и се фокусирани на постојано унапредување на организациската култура, бидејќи вложуваат во вработените преку стратешки поврзани практики за човечки ресурси коишто претставуваат цврст темел за раст и конечно постигнување на амбициозните деловни цели.