За подобар имунитет 100% природен сок од преспанска јаболка!

Прво нешто кое ви паѓа на ум кога ќе се спомне Преспа е јаболкото. Ние во Кајак.мк велиме дека Царев Двор е изворот на добра и квалитетна јаболка, а дека тоа е така, раскажува приказната на Никола Џаков, човекот кој произведува 100% природен сок од преспанска јаболка.

За јаболкото од Преспа сме пишувале доста. Сигурно се сеќавате на приказната на Ана за „Spirit of Prespa“ која дестинација денеска е домаќин на многу странски туристи. Оваа приказна која ќе ја прочитате во продолжение е поразлична од нашите досегашни приказни, бидејќи за првпат пишуваме за македонец кој произведува 100% природен сок од јаболка.

Доколку нѐ прашате за вкусот на сокот, можеме да ви гарантираме дека ваков сок од јаболко, со сигурност не сте пробале одамна. Идеален е за деца и возрасни бидејќи не содржи додатни шеќери, нема конзерванси и нема додадена вода.

Но, пред да преминеме на опцијата преку која можете да го нарачате сокот, би сакале да ви ја раскажеме приказната на производителот, следбеник во својата фамилија.

Никола Џаков по професија е електроинженер, меѓутоа активната работа на семејните насади го поттикнува неговото “хоби“ да прерасне во примарна дејност и професија со која ќе се занимава секојдневно.

За Кајак.мк вели дека на овоштарникот е од кога памети за себе, учел од неговиот татко, дедо, неговите блиски роднини и семејни пријатели кои сето свое искуство му го преточиле за денеска, да го преземе во свои раце одгледувањето на јаболкото.

Секој стекнат “занает“ носи свое уживање но и свои обврски. На денешно време одледувањето на јаболката може да биде вистинска пасија, а може да биде и стрес, кога станува збор за продажбата и откупот на јаболкото. Сите сме доволно запознаени со проблематичната откупна цена која не им овозможува достоинствена заработка на производителите.

Токму ниската откупна цена го поттикнува Никола да отпочне една нова приказна во производство на природен сок од јаболка под брендот „Сок од Царев Двор“.

Никола вели дека минатата година започнале со производство и тестирање на сокот, како и анализирање на рокот на конзумација, а од годинава започнале и со негова продажба.

Денеска, „Домашното цедено јаболко“ од Царев Двор има свој ланец на производство. Никола вели дека доколку треба да се направи споредба помеѓу продажба на сурово јаболко и продажбата на сокот од јаболко, дефинитивно првото е далеку полесно бидејќи не носи обврски и контрола.

Кога станува збор за производсто на сок, треба да се внимава многу на хигиената, да се има редовен надзор и контрола, а препарати и прскање не треба ни да се помисли да се користат, вели тој.

Во моментот, половина од своите овошни насади се користат за преработка и производство на сок, додека другата половина се користи за стандардна продажба на јаболко.

Никола не е сам во производството, овде е неговата сопруга и неговите двајца синови кои му помагаат. Годинава сокот го имаат продавано на два саеми за храна во Македонија, а во иднина ќе можете да го најдете сокот и на други настани.

Доколку сакате да ја вкусите Преспа преку чаша добар и квалитетен сок, можете истиот да го нарачате со достава до ваша адреса. Повеќе информации со еден клик ОВДЕ.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Translate »