Бучковски: Она што ми го направи Црвенковски, истото му го направи и на Заев
Поранешниот лидер на СДСМ Владо Бучковски синоќа во емисијата „Клик Плус“ зборуваше за резултатот на владејачката партија на локалните избори. Тој вели дека поранешниот лидер Бранко Црвенковски му наштетил на премиерот Зоран Заев на почетокот на кампањата.
Специјалниот преговарач со Бугарија додаде дека тој самиот се соочил со истото од Црвенковски во 2006 година.
„Бранко не крие дека има амбиции. Бранко го повреди Заев на почетокот на кампањата. И јас во 2006 година се соочив со суетата на Црвенковски. Не случајно некои од СДСМ останаа дома“, изјави Бучковски за КликПлус на ТВ21.
Бучковски, меѓу другото, изјави дека луѓе блиски до Црвенковски работеле на кампањата Максим Димитриевски да добие втор мандат за градоначалник на Куманово.
„Не беше јавна тајна дека луѓе блиски до Црвенковски учествуваа во кампањата на Максим Димитриевски“, додаде поранешниот премиер и министер за одбрана.