X Squared: танцов колектив кој носи нова енергија на уметничката сцена!
Танцот како уметност го карактеризира разноликост, разновидност, многузначност. За негова изведба е потребна физичка спремност, но и голема ментална сила. Претставува уметност во движење, чин кој буди силни емоции и чувства, и преку кој се испраќаат силни општествени пораки.
Со цел да се надмине традиционалниот танцов пристап, да се откријат нови облици на движење, прилагодени на современиот живот и да се поттикнува креативноста и чувството на поединецот за искажување, младите Јована Зајкова и Бобан Русески, дипломирани современи танчари, го основаа танцовиот колектив X Squared, кој се очекува да ја размрда македонската танцова сцена, и да понуди ново искуство и доживување на сите љубители на оваа уметност.
”Сакаме да го доближиме танцот до луѓето не само како уметност, туку и како дел од нивниот живот. Да го извадиме танцот од театарот и да настапуваме на отворено, како и на некои алтернативни локации. Сакаме да испратиме порака дека да танцуваш не е страшно, туку е природно и забавно, го освежува духот и телото и на крајот на денот, како што вели една јапонска поговорка: “Будали сме без разлика дали танцуваме или не, па кога е така, подобро да танцуваме”, велат Јована и Бобан.
X Squared е танцов колектив кој делува и твори во полето на изведбените уметности, а како свој главен фокус го зема современиот танцов израз. Основачи се Јована Зајкова и Бобан Русески, дипломирани современи танчари кои веќе некое време настапуваат заедно.
Големите танчари не се големи поради нивната техника, туку поради пасијата и страста со која танцуваат. Танцот ѝ помага на душата да биде среќна и е еден неверојатен канализатор на енергија, медиум преку кој можеш да исфрлиш секаков вид на емоција и како таков, ја лечи душата.
X Squared е танцов колектив кој е создаден со многу љубов и со намера да го афирмира танцот, да промовира вистински вредности и да ги мотивира сите повеќе да танцуваат. https://www.facebook.com/x.squared.dc